Филмската индустрија го има најлошото лето по заработувачка во изминатите 8 години. Ова не значи дека не прават пари, туку дека не прават пари колку што би сакале да прават. Паниката е затоа што летово се уште ниту еден филм ја нема надминато границата од 300 милиони долари на кино-благајните и дека генерално сезонава ќе заработат околу 15 до 20 проценти помалку отколку летото 2013-та.
Како прв виновник за ова, инстантно беше прогласена пиратеријата. Магазинот Њу Рипаблик објави статија во која растот на пиратеријата беше главна и единствена причина не само за лошите финансиски резултати на Холивуд, туку и за навлеченоста на индустријата на продолжетоци и генерички филмови.
Како одговор на ваквиот став веднаш се даваат два аргументи: популарноста на Нетфликс, каде што корисниците немаат никаков проблем да плаќаат за филмови и успехот на Игра на тронови, кој и покрај тоа што е најпиратирано шоу на сите времиња, е и најгледаното шоу на ХБО (од легални претплатници).
"Некои веруваат дека склоноста на Холивуд кон се што е напукано со тестостерон го предизвикува падот (во заработувачката). Како што Кели Феирклот од Џезабел убаво срочи 'Ако во основа игнорираш половина од популацијата, ти ги оставаш парите на маса,'" пишува Мет Сакаро за Дејли Дот.
Тој прави споредба на публиката на Спајдермен 2012-та и 2014-та. Кај првиот, 42% од публиката била составена од жени, кај вториот бројот на женска публика паѓа на неполни 39%. Сличен е случајот и со двата последни дела од Трансформери, каде Age of Extinction имаше 64% машка публика.
Во низата проблеми што треба да ги решава Холивуд е и се поголемата популарност на ЈуТјуб (каде еден канал за Мајнкрафт има повеќе претплатници од Кејти Пери и Џастин Бибер). Тука е и телевизијата која и понатаму го одржува своето "златно доба," со серии како Игра на тронови, Брејкинг Бед, Девојки и слично.
Клучната грешка во рамките на Холивуд е потпирањето на анализи на податоците за својата публика. Неодамна Атлантик критикуваше дека "Холивуд е станат премногу сензационалист во предвидување на она што публиката сака да го гледа. И иронично, заради некоја причина тие станаа подобри во создавање на немилосрдно просечни филмови."