Драги браќа нововерци
Лично сум уверен во три работи:
1. дека за Србија и српството вие сте поголемо зло од Караѓорѓевиќ и комунистите заедно,
2. дека никој освен вас нововерците нема да се препознае во овој текст, и
3. дека сите што во овој текст „нема да се препознаете“ искрено ќе ме мразите ако ова го прочитате до крај.
Но тоа веќе е ваш проблем.
Ќе ви кажам нешто за мене... и моите, кои се многу поважни од мене. Во нашата куќа, Илиќи, славска свеќа отсекогаш горела. И под Турците, и 1941 и по 1945. И ќе гори, сè додека има Илиќи, и додека сум јас со оваа памет. Приказните дека комунистите бранеле славење слави, Божиќ, Велигден, оставете ги за некој Норвежанец, мојата куќа ви е жив доказ дека тоа не е така.
Роден сум во тој зол и омразен комунизам, крстен сум како бебе од два месеци пред повеќе од 40 години. Не навечер, не тајно, туку како што е ред, денски, во црква, кумот ме држеше во раце додека попот си ја работеше работата. Во истата црква каде што е крстен и мојот покоен дедо, каде што е крстен и татко му, крстен сум и јас, тука и се венчав, и детето го крстев во таа црква. Нас Илиќи нè крсти истото семејство Митровиќи последниве 200 години. Можеби и подолго, меѓутоа последниве 200 ги памтиме. Кумовите ги гледам два пати годишно. За нашата слава и за славата на кумот. За нашата слава, кумот седи на чело, прво нему му се сипе пијалак, пред кумот прво се вади јадењето. Учен сум јас, и сите мои пред мене, а така го учам и моето дете, дека со кумот се комуницира исклучиво со почит, бидејќи најголем грев е да се скараш со кумот. Сакам да кажам, драги браќа нововерци, јас за кум не го избрав мојот најдобар пријател, да ме крсти за мојот 29-ти роденден, не одам со кумот по кафани, и кога ќе се напијам не велам „ајде куме уште по едно, што си п....“.
Не истакнувам дека сум православен, немам ни потреба. Што друго би бил? Тоа, драги браќа нововерци, не се зборува, тоа се подразбира. Мајка ми за Свети Сава ме носеше во црква, а не на училиште. Ако бев од сабајле на училиште, таа ќе ми извадеше оправдание за дента. Дедо ми ме научи, кога имав 5 години, како и каде се палат свеќи во црква.
Не ме интересираат вашите поздрави од типот „Бог се јави“, смешни ми се вашите метании, пренападно ми е тоа ваше новоправославие, од станот што вашиот дедо го добил од ЈНА, или тато преку фирма, како и да е. Дали е правилно да се поздравуваш со раширени или собрани три прсти, и тоа ми е урнебесно смешно и глупо, драги браќа нововерци. Што би рекол за некоја ситуација монахот Јоило, или владиката Николај, вие тоа веќе сте го научиле од книги печатени пред 15 години. Најмногу, сепак, кај вас го сакам тоа што никој од вас не ја прочитал Библијата. Мојата прабаба, на пример, исто така никогаш Библијата не ја прочитала, но, за разлика од вас, беше искрен, тивок и побожен верник.
Сакам да кажам, драги нововерци, вистинската вера МОЛЧИ, тоа вашето „добар ден, јас сум православец“ сепак задржете го за себе. Најдобро би било да направите вие некое Неоправославие, а старата вера да ја оставите на мира, не е тоа за вас. Вашите родители во општеството се позиционирале со помош на комунизмот, вие, драги браќа нововерци, се позиционирате со помош на православието. Тие велеа „Друже Тито ми ти се кунемо“, а вие велите „Бог се јави“.
Бог се јави, деца на комунисти.