Кевин Спејси на суд е ослободен од сите обвиненија за, така да кажеме, систематска сексуална навалентност, додуша кон мажи а не кон жени, што го прави малку нетипичен негативен јунак на #MeToo епохата - така што, правно гледано, официјално е невин како новороденче.
И што правиме сега?
Времето, животот, настаните, зборовите - не можат да се вратат назад или едноставно да се поништат. Во животот не постои копче за „Undo“ надвор од тастатурата.
Оваа пресуда никого на ништо не го обврзува, дури ни морално. Сите оние кои му пресудија и пред судењето, можат мирно да спијат, убедени дека никому ништо не должат, дури ни на Спејси. Така е тоа во нашиот свет.
Во некој алтернативен свет, можеби продуцентите на серијата “House of Cards” сега ќе мораа да снимат нејзина нова завршница - во суштина старa - со него во улогата која му припаѓа. Во тој свет, и бедниот Кристофер Пламер би бил избришан од филмот „All the Money In the World“, во кој послушно го 'одмени' Спејси иако овој претходно ги имаше снимено сите сцени.
Пламер очигледно немал морален проблем а ние можеме да нагаѓаме дали, во некои други времиња и околности, би постапил исто и ако Спејси беше обвинет дека е Евреј, комунист, кулак или велосипедист.
Се разбира, ние не живееме и нема шанси да живееме во таков свет. Ама нешто можеме да направиме и овде каде што сме: да не се палиме лесно на сите моди и хистерии на својата епоха, зашто заради нив некој секогаш ќе настрада, а после сите се прават дека немаат ништо со тоа.