Терористи масовно користат ВИ за поубиствени напади

Вештачката интелигенција пристигна како порачана за криминалците и измамниците. Хакерите имаат моќни алатки да пробиваат дигитални заштити и да крадат чувствителни податоци. Фалсификатори полесно копираат уметнички и генерираат лажни потврди за автентичност. Неизбежно беше ботовите да им помагаат на терористи и на бомбаши.

Антонија Џулич, експерт за меѓународна безбедност на Универзитетот Кембриџ, во нова студија објаснува дека терористите лесно може да ги заобиколат етичките заштитни огради вградени во моделите со ВИ за да ја зголемат својата убиствена моќ.

Терористите добиваат совети за секоја фаза од активностите - при подготовка на мисии, за решавање на проблеми со оружјето и опремата, за време на операциите и во анализата по мисијата, забележува Џулич. 

Нејзиното истражување се базира на 57 интервјуа со 27 поранешни членови на Боко Харам, вклучувајќи команданти и технички специјалисти. Некои од нив биле изненадени колку многу новата алатка им помага да испланираат бомбашки напад. По симнувањето на заштитата, ботовите даваат совети кое оружје да се употреби за да има што помасовни жртви.

Поставуваш општо прашање, на пример „Како да направам бомба?“, а ВИ дава детален одговор. Често ја користевме... Ни објасни кои хемикалии да ги додадеме во полнењето на бомбата за да биде експлозијата посилна, вели припадник на нигериската група.

Боко Харам сега има посебно одделение за вештачка интелигенција, кое користи модели од различни производители, во зависност од потребите на акцијата.

Видовме на филм како мотоцикли можат да прескокнуваат преку мостови. Прашавме ВИ како да го изведеме тоа. Ѝ дадовме информации какви мотоцикли користиме, колкаво растојание треба да прескокнеме и слично, таа ни ги објасни чекорите. Механичарите ги модифицираа моторите и вежбавме скокови сè додека не ја достигнавме потребната далечина што ни беше потребна за акцијата, објаснуваат пребегнати членови на групата.

И други истражувања покажуваат дека заобиколувањето на заштитните механизми на моделите со ВИ е едноставно. Фајненшл тајмс и групата за кибернетска безбедност Alice неодамна објавија дека лесно ги измамиле моделите на Гугл и на Мета да објаснат како да се спроведе напад со хлорен гас, како да се украдат податоци за кредитни картички и како да се опишат случаи на сексуална злоупотреба на деца.

Непрофитна организација за борба против тероризмот поддржана од Обединетите нации Tech Against Terrorism неодамна тестираше како повеќе од 20 водечки модели со ВИ реагираат на илјадници барања на реални случаи на тероризам. Барањата биле целосно одбиени во 57% од вкупниот број случаи, во 80% кога биле поврзани со експлозиви, но  само една третина за импровизирано хемиско оружје.

Американски разузнавачки аналитичари велат дека терористичките групи исто така почнуваат да користат ВИ за да го олеснат 3Д-печатење на специјално оружје за атентати, компоненти за дронови и друга опрема.

18 јули 2026 - 12:01