Милијардерите си ги штитат децата од производите кои ги збогатија

Идејата дека употребата на социјалните медиуми е штетна за младите луѓе постои со години и постојано се вадат нови докази за тоа. Ако не им верувате на истражувањата, верувајте им на самите технолошките лидери кои ги изградија тие империи што им донесоа милијарди. Наспроти она што го промовираат за другите, кога станува збор за нивните сопствени  деца, овие моќници се крајно рестриктивни.

Уште во 2010 година, Стив Џобс од Епл му рекол на новинар на „Њујорк тајмс“ дека неговите деца никогаш не користеле АјПед и дека „ние ја ограничуваме количината технологија што нашите деца ја користат дома“.

Оттогаш, трендот на милијардери од Силициумската долина кои ги држат своите семејства подалеку од технологијата стана уште поизразен, делумно благодарение на подемот на социјалните медиуми и кратките видеа.

Прекумерната употреба на уреди кај децата станува сè почеста бидејќи на „зафатените“ родители тоа им е лесен начин да бидат раат, па децата им растат на таблет и мобилен.  Во просек, децата во САД на возраст од 8 до 18 години поминуваат 7,5 часа дневно гледајќи или користејќи екрани.

Коосновачот на Јутјуб, Стив Чен, лани кажа дека не би сакал неговите деца да консумираат само кратка содржина, предлагајќи да се ограничат децата само на видеа подолги од 15 минути. Бидејќи кратките видеа водат кон пократок распон на внимание.

Милијардерот и еден од првите инвеститори во Фејсбук, Питер Тил, кажа дека на неговите две мали деца им дозволува да бидат на екран само еден и пол час неделно.  

Бил Гејтс призна дека не им дал смартфони на своите деца до 14-годишна возраст и забранува да се биде со телефон кога заедно се јаде дома. И извршниот директор на „Снеп“, Еван Шпигел кажа дека го ограничува своето дете на истите 1,5 часа неделно поминати пред екран како и Тил. Илон Маск, пак, пред неколку години призна дека „можеби било грешка“ што не поставил никакви правила на социјалните медиуми за своите деца.

Научните истражувања ги поткрепуваат нивните родителски инстинкти. Студија од 2025 година на речиси 100.000 луѓе откри дека консумирањето кратки видеа е поврзано со послаби когнитивни функции и пад на многу аспекти на менталното здравје и кај помладите и кај постарите корисници на социјални медиуми.

22 февруари 2026 - 12:02