Компјутерот, по име Старгејт, треба да биде изграден во САД и е клучен за планот во пет фази за поставување на серија од суперкомпјутери што двете компании планираат да ја создадат. Старгејт ќе биде 5-та фаза и на него би можело да почне да се работи веќе во 2028.
Информејшн, кој ја пренесува веста, пишува дека супер-компјутерот ќе биде 100 пати поскап од најголемите дата-центри кои моментално функционираат. Старгејт ќе има досега непоимлив компјутерски капацитет, но се очекува дека ќе троши и неколку гигавати електрична енергија.
Менаџментите на двете компании веќе имаат изработено планови за проектот за податочен-центар, кој ќе служи за потребите на ВИ на ОпенАИ.
Микрософт кој веќе има инвестирано над 13 милијарди долари во ОпенАИ, најверојатно ќе ги обезбеди и средствата за новиот проект. ОпенАИ веќе ги користи дата-центрите на Микрософт за ЧатГПТ, а за возврат Микрософт има право да ја продава технологијата на ОпенАИ на своите клиенти.
Најголемиот трошок на проектот ќе биде обезбедување на серверските чипови за машината, како и наоѓање на доволно струја за него. Луѓе упатени во овие проблеми објаснуваат дека ќе треба да се најде начин и како во еден рак да се сместат повеќе чипови отколку што сега собира за да се подобрат нивните перформанси, плус да го решат ладењето на чиповите.
Првиот човек на ОпенАИ, Сем Алтман, пред некое време изјави дека е фрустриран со „бруталната“ ситуација со пазарот на чипови и изјави дека сака да направи сопствен чип.