Лабораториите за ВИ отпуштаат програмери, вработуваат филозофи

Пред десет години на почетокот на револуцијата на ВИ студентите по хуманистички науки беа предупредени: ако сакате да бидете конкурентни на пазарот на трудот, научете да програмирате. Ова не се покажа како добар совет. Денес, програмерите се тие што се плашат дека вештачката интелигенција ќе им ги земе работните места, а технолошките компании вработуваат филозофи.

Податоци од американската централна банка покажуваат дека дипломираните студенти по филозофија во САД имаат поголема веројатност да бидат вработени од нивните колеги кои студирале компјутерски науки. Во 2024 година, најновата за која се достапни податоци, стапката на невработеност кај дипломираните информатичари била 7%, а кај филозофите само 5,1%.

Многумина од филозофите уште пред да дипломираат добиваат понуди за работа во компании кои развиваат ВИ. Интересот е голем и за академската заедница. Професори оставаат катедри за да работат во технолошки компании вели Лучијано Флориди, професор по филозофија на Јеил.

Причината е едноставна. Моделите со ВИ брзо го совладаа кодирањето, но сè уште се потребни експерти за да ги дефинираат етичките стандарди и граници на целата индустрија и да се постави поздрава основа на логично резонирање.

Сократовиот метод, на пример, користи претпоставка на незнаење и испрашување за да разјасни значења, да забележи противречности и да открие последици. Вградувањето на сократовата скромност „знам дека ништо не знам“ во модел со ВИ може да помогне за ограничување на прекумерната самодоверба.

Моделите обучени според сократовиот метод се помалку заинтересирани за задоволување на луѓето и повеќе се подготвени да ја бараат вистината, вели Јерг Нолер, експерт за филозофија и вештачка интелигенција на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен.

Јасон Габриел, виш филозоф во лабораторијата Google DeepMind, вели дека применетата филозофија придонела за намалување на халуцинациите на ботовите. Тој објаснува дека „часовите по филозофија“, како што ја опишува обуката на моделите, се моќен механизам за подобрување на долгите процеси на расудување, познати како синџири на мисли.

Задача на филозофите е да оценат кои етички принципи треба да бидат употребени за изградба на морален или правен авторитет на вештачката интелигенција. Деонтологијата, за која се залагал Емануел Кант поаѓа од строги морални правила кои забрануваат лажење, принуда или користење на луѓе како средство за постигнување на целта, дури и ако тоа може да доведе до поголемо општо добро. Многу од овие деонтолошки норми се вклучени и во „уставот“ на Клод на компанијата Антропик. Ваквите правила го прават однесувањето на ВИ поконзистентно, што е особено важно ако роботите еден ден влезат во домови или на јавни места.

Спротивен етички пристап е консеквенцијализмот, кој ги проценува придобивките и штетите за да утврди што е правилно да се направи во секоја поединечна ситуација. Модели поблиски до тој пристап се ChatGPT на OpenAI и Gemini на Google. Ваквите алгоритми се клучни за софтверот за автономни возила. Ако сообраќајна несреќа е неизбежна, системот мора да одлучи кој исход ќе предизвика најмала штета. Истото важи и за системите за воени цели, кои мора да ги проценат потенцијалните тактички придобивки од акцијата наспроти можните цивилни жртви.

Ова покренува голем број сложени филозофски прашања. На пример дали системите со ВИ треба да ја земат предвид благосостојбата на животните или животната средина? Дали е морално прифатливо да се даде приоритет на спасувањето на помлади пешаци пред постарите, прашува Стефан Хек, филозоф и директор на Nauto, компанија која развива системи за безбедност на комерцијални возила.

Тој предвидува дека ваквите етички дилеми ќе доведат до низа тужби, бидејќи консеквенцијалистичките алгоритми експлицитно дозволуваат да се направи помала штета ако се спречи поголема.

Филозофско е и прашањето за опасноста од морално затапување на луѓето.

Ако компјутерите сè повеќе донесуваат морални одлуки наместо луѓето, дали на крајот ќе ја изгубиме нашата способност сами да донесуваме етички проценки? Моралот историски варирал од култура до култура, можно е да се манипулира со него, вели Роман Јамполски, теоретичар за ВИ на Универзитетот во Луисвил.

1 јули 2026 - 16:00