Почетната верзија од 35.000 долари ќе има домет од 346 километри. На промоцијата Елон Маск изјави дека "е доста уверен" дека испораката на автомобилите ќе започне до крајот на 2017-та, како и тоа дека "не би биле во можност да купите подобра кола за 35.000 долари, дури и без никаква додатна опрема."
До сега има околу 130.000 пред нарачки - секој потенцијален купувач треба да остави депозит од 1.000 долари - а се очекува бројот да продолжи да расте.
Основниот модел развива од 0 до 100 за помалку од 6 секунди (Модел Ес ова го прави за 2,8 секунди), кај моделите со дополнителна опрема ова само се забрзува. Сите Модел 3 автомобили имаат поддршка за Тесла супер-полначите, а според Маск до крајот на 2017-та нивната мрежа ќе има вкупно 7.200 супер-полначи, или два пати повеќе од денес.
Тројката доаѓа со погон на задни тркала и на сите тркала, а внатре ќе биде опремен со 15 инчен екран. Во стандардна опрема влегува и авто-пилотот, а сите безбедносни функции автоматски се активираат. Најавите се дека во колата комфорно собира пет возрасни лица.
Горниот дел, од шофершајбната до задното стакло е единечно парче стакло, а исто како и Модел Ес и тројката ќе има преден и заден багажник.