Француската агенција за менаџирање на нуклеарен отпад, АНДРА, планира да изработи дискови кои ќе можат да ги чуваат податоците околу 10 милиони години. Животниот век на денешните, комерцијални дискови е околу десетина години.
Дисковите ќе бидат направени од 8-инчни плочи од индустриски сафир, на кои податоците ќе бидат изгравирани со платина која ќе може да се чита со микроскоп. На еден диск може да се запишат 40.000 страни со слики и текст. Откако ова ќе биде завршено, двата дискови ќе бидат молекуларно споени заедно. Цената на еден диск е околу 25 илјади долари.
На дисковите ќе бидат запишани предупредувања за нуклеарниот отпад и радиоактивните материјали кои се складирани од компанијата, плус упатство за ракување со нив.
Според научниците од АНДРА, целта на дисковите е да "обезбедат информации за идните археолози." Единствен проблем им е што се уште не можат да решат на кој јазик да ги напишат текстовите, кој би го разбрале луѓето (или што и да има) за 10 милиони години.