Со развојот на „смарт“ технологијата, производителите почнаа да воведуваат строги механизми за користење на нивните производи. Вградуваат чипови што спречуваат неовластени поправки или замена на делови, ако не се нарачани од истата компанија, па дури и пуштаат реклами на екраните, без согласност од купувачите.
Непрофитната група Слобода од неетички ограничувања на корисниците (Фулу) понуди награда од најмалку 10.000 долари за секој хакер што ќе успее да пробие ограничување на уред, за да му ја врати целосната контрола на оној што го купил.
Во случаи за кои има голем интерес, вкупниот износ на наградата е далеку над основната. Таков е случајот со предизвикот од 30.000 долари за изнаоѓање начин да се заобиколи енкрипцијата што блокира неовластена замена на хард-дискот на конзолата за игри Xbox Series X.

Наградите се нудат само за надминување на ограничувања што се „непријателски“ насочени кон корисниците.
Досега се доделени само неколку награди. Првата била за хакирање на термостатите Nest. Производителот Гугл ја прекинал софтверската поддршка за термостатите, со што ги измамил корисниците кои дополнително платиле за „смарт“ функција за управување преку мобилен телефон.
Награда му е исплатена и на Лоренцо Рицоти, италијански студент што го деблокирал системот на прочистувачите на воздух Air Pro и Air Mini од компанијата Molekule, кој спречувал вградување компатибилен филтер од друг производител.
Фулу ги предупредува учесниците дека поправките може да претставуваат прекршување на американскиот Закон за авторски права, усвоен при крајот на минатиот век, во кој „се забранува заобиколување на лозинки или енкрипција, или обезбедување алатки за тоа, без дозвола од производителот“.
Треба да покажеме колку е смешно што овој 27-годишен закон ги спречува овие решенија. Време е законите да го стигнат чекорот со технологијата, изјави коосновачот на Фулу, Кевин О’Рајли.