Инвестициите на ризичен капитал во глобалната индустрија за роботика и физичка вештачка интелигенција пораснаа од околу 4 милијарди долари во 2019 година на 26 милијарди долари во 2025 година, според податоците на PitchBook. Само во текот на оваа година во оваа област се вложени повеќе од 23 милијарди долари.
Изминатиот викенд покажа колку брзо најголемите технолошки компании се пренасочуваат кон хуманоидни роботи – индустрија која сè уште е во рана фаза, но нуди огромни потенцијали за индустриска и домашна примена и, секако, за огромни профити.
На саем во Тајпеи, Nvidia претстави прототип на хуманоиден робот за академски истражувања, кој се очекува да биде достапен до крајот на 2026 година. Директорот Јенсен Хуанг го спомна терминот „физичка вештачка интелигенција“ за да ги опише паметните и автономни системи што ќе бидат присутни во физичкиот свет, не само како невидливи соговорници или помошници.

Хуманоидните роботи ќе отворат економска можност од илјадници милијарди долари, изјави Хуанг.
OpenAI исто така ги зголемува своите инвестиции во роботика, што е остар пресврт од 2020 година, кога компанијата го затвори проектот за роботска рака што решава рубикова коцка. Во неделата, Сем Алтман ја прогласи роботиката за „нов хоризонт“ на OpenAI и повика таленти да се придружат во развојот.
На краток рок, ние сме фокусирани на роботи за поддршка на квалификувани работници за изградба на нашата идна инфраструктура. На долг рок, замислуваме секој човек да има личен робот што прави сè што му треба, напиша Алтман на X.

Figure AI, еден од најбрзо растечките компании за роботика во Силиконската долина неодамна го претстави својот робот што неуморно сортира пакети, побрзо од човек, но издржлив да го прави тоа 24 часа на ден. Стартапот, проценет на 39 милијарди долари, неколку недели подоцна потпиша комерцијални договори со компании за дистрибуција и логистика.
Мета минатиот месец го купи стартапот за хуманоидна роботика Assured Robot Intelligence и го приклучи на единицата за вештачка интелигенција Superintelligence Labs.
Илон Маск постојано го опишува роботот Optimus како централен за иднината на Тесла, но компанијата откри малку детали за напредокот. На Светскиот економски форум во јануари Маск изјави дека роботите веќе се ангажирани да извршуваат едноставни работи во фабриките на Тесла и дека ќе бидат на продажба до крајот на 2027 година.

Boston Dynamics, во сопственост на Хјундаи, исто така е фокусиран на индустриска употреба на своите хуманоиди Атлас до 2028 година. Agility Robotics е чекор понапред и веќе го распореди својот хуманоид Дигит кај клиенти, вклучувајќи го и Амазон.