Дуров меѓу другото беше обвинет и затоа што не соработувал со француските власти при раководење и пуштање за користење на алатки за енкриптирани пораки. Едно е дека понуди енкриптирани технолошки сервиси „без сертифицирана декларација“, другото е дека увезол енкриптирана апликација за пораки „без претходна декларација.“
На страна Дуров и Телеграм, овие две обвиненија значат дека останатите големи технолошки компании што имаат апликации со енкриптирани пораки (Фејсбук, Сигнал, Епл) не се сигурни дали го прекршуваат францускиот закон или не.
„Ова исто така покажува како западните влади наоѓаат начин да наметнат контроли врз приватната онлајн комуникација на луѓето,“ пишува магазинот Политико.
За Енди Јен, ЦЕО-то на Протон компанијата за приватни комуникации (Протон меил и Протон ВПН) одлуката на француската влада е „економско самоубиство и рапидно и перманентно ја менува перцепцијата на основачите и инвеститорите.“
„Во сржта на обвиненијата е закон кој ја обврзува секоја компанија што нуди алатки за криптирање за тоа да ја извести француската агенција за сајбербезбедност и на нејзино располагање да и даде 'опис на техничките карактеристики на алатката за криптографија' како и изворниот код на софтверот,“ објаснува Политико.
Законот за криптографија е на сила од 2004, меѓутоа до сега ниту еднаш не е употребен против технолошка платформа.
Проблематично со обвинението против Телеграм е и тоа што апликацијата по дифолт не е енкриптирана крај со крај и всушност им отежнува на корисниците кои ќе се обидат да активираат таква енкрипција.