Оригиналната цена на Епл-1 во 1976 е 666,66 долари (не од сатанистички побуди, туку затоа што Вознијак сака повторување бројки). Четириесет и пет години подоцна цената на истиот овој компјутер на аукција достигнува 400.000 долари.
Ова е еден од 200-те Епл-1 компјутери што биле дизајнирани, произведени и тестирани од Стив Возниак и Стив Џобс, со помош од Пети Џобс и Даниел Котке.
Како што ќе каже Епл историчарот, Кори Коен, „Епл-1 е нешто како Светиот грал на колекционерите на винтиџ компјутери.“
За конкретниот компјутер што е продаден се знае дека во 1976 го купил професор од Чефи колеџот од Калифорнија. Тој во 1977 го продава компјутерот на еден од своите студенти за да може да купи Епл-2 компјутер. Неименуваниот студент го чува компјутерот се до аукцијата.
Епл-1 доаѓа како матична плоча, а куќиштето, тастатурата и мониторот одделно се продаваат. Конкретното куќиште е составено од Бајт шоп од Калифорнија, која е првата продавница што продава Епл производи.
Серијата Епл-1 е првиот Епл производ што некогаш се продава, и го означува почетокот на индустријата на персонални компјутери. Тој е и првиот персонален компјутер што доаѓа со гаранција.
„Беше гарантирано дека ќе работи. Претходно имаше други компјутери, кои повеќе беа комплети од делови, кои главно не работеа кога ќе ги купиш,“ објаснува Коен.