Корисници и бета тестери на оперативниот систем на Епл, тврдат дека по инсталирање на ИОС 17.5, се уште во бета верзија, на телефонот почнале да им се појавуваат слики кои одамна ги имаат избришано.
Старите фотки се појавиле во албумот со скорешни фотографии. ИОС им дава опција на корисниците да ги вратат избришаните фотографии но во рок од еден месец од бришењето, после тоа нив треба трајно да ги снема.
Сведоштвата кои ги пренесува Верџ се дека од никаде на телефони се појавиле фотографии избришани во 2016, а кај одредени корисници ги имало и по 300 такви фотографии. Еден корисник се пожалил и дека фотографиите му се вратиле и покрај тоа што не користи Ајклауд, што значи дека тие доаѓаат од меморијата на уредот.
Како што објаснуваат од Верџ, кога ќе кликнеш бриши, тоа не ги брише компјутерските податоци, туку само го информира оперативниот систем да ги прекине сите референци до истите. Податоците се бришат само кога тоа парче од меморијата ќе биде пополнета со некоја друга содржина.
Според Верџ се уште не е јасно дали проблемот се должи на тоа што Епл тајно ги чува вашите податоци и откако сте ги избришале или ИОС 17.5 има некој проблем во начинот на кој се справува со податоците.