Безжична параноја:

Америка забрани ви-фи рутери од странство

Американската федерална комисија за комуникации ги прогласи сите кориснички Wi-Fi рутери произведени надвор од земјата за „ризик за националната безбедност“, забранувајќи го нивниот увоз или продажба. Тоа не значи дека Американците ќе треба да го фрлат сегашниот рутер, но кога ќе дојде време тој да се замени, не ќе можат да бараат ТП - Линк (Кина), АСУС (Тајван), Фриц (Германија)... 

Во последниот апдејт, Комисијата ги додаде вифи рутерите на својата листа на комуникациската опрема и услуги за кои властите процениле дека претставуваат „неприфатлив ризик“ за националната безбедност. Производите од таа листа не можат да добијат лиценца од ФЦЦ, неопходна за да бидат увезени или продавани во земјата.

Забраната ги покрива сите рутери кои се дизајнирани во САД а произведувани во странство и обратно.

„Злонамерни државни и не-државно спонзорирани сајбернапади сè повеќе ја користат ранливостa на домашните рутери произведени во странство за директни напади врз американски цивили во нивните домови“, се вели во Одлуката во која конкретно се потсетува на  хакерскиот Salt Typhoon во 2024 година.

„Странски произведените рутери претставуваат неприфатливи ризици за Американците“, се наведува во одлуката на комуникациското Политбиро.

„Речиси сите рутери се произведуваат надвор од Соединетите Американски Држави, вклучително и оние произведени од компании со седиште во САД како TP-Link, која ги произведува своите производи во Виетнам“, потсети портпаролот на TP-Link.

25 март 2026 - 09:07