Што по своја желба, што како дел од најголемата мобилизација во историјата на Израел, деновиве во земјата се вратија илјадници Израелци кои треба да бидат дел од 300-илјадната сила за борба против Хамас.
Еден од нив не е Јаир Нетанјаху, најстариот син на Биби, кој од почетокот на годинава е преселен на Флорида и останува таму и покрај тоа што со 32 години се квалификува за служење како резервист.
Проблемот на дел од израелските војници е што „Јаир ужива на Мајами бич, а ние сме на фронтот“.
„Ние што ја оставаме нашата работа, нашите семејства, нашите деца, одиме да го одбраниме нашето семејство и нашата држава, но не и луѓето кои се одговорни за оваа ситуација.
Нашите браќа, нашите татковци, синови, сите одат на фронтот, но Јаир се уште не е таму. Тоа не помага во градење на довербата во раководството на државата,“ изјавува за британски Тајмс израелски војник распореден на северниот фронт.
Јаир и кога служи војска нема никаква борбена улога туку е распореден во единицата за односи со јавноста на израелските одбранбени сили.
Тој се преселува во САД на почетокот од годинава откако сите што демонстрираа против судските реформи на владата на татко му, на социјалните мрежи ги нарече „терористи“ и го обвини САД за финансирање на немирите.