По 20 години работа во најстрога тајност, конечно се откриени детали за друштвото Dialog на Питер Тил, во кое владини функционери, генерали и милијардери ги поставуваат рамките на индустријата, геополитиката и општествата. Главните предизвици на елитата сега се ризиците од ВИ и Трета светска војна, надзорот на граѓаните, но и истражувањата за долговечност.
Списокот на учесници на годинешниот состанок на групата Dialog укажува дека во неа е концентрирана елитата што има моќ врз системите за надзор на граѓаните. Тука се министерот за финансии на САД, претседавачот на комитетот на Сенатот надлежен за заштита на податоци, сè до главниот командант на силите на НАТО во Европа.
Во таа категорија се и основачите на Dialog. Милијардерот Питер Тил е коосновач на Palantir, чиј софтвер ги задвижува системите за одбрана и разузнавање, а Аурен Хофман е на челото на компаниите за прецизно утврдување локации SafeGraph и за препознавање на идентитети LiveRamp.
Швајцарската хакерка со псевдоним Маја Арсон Кримју сега го откри и го објави списокот со 222 поканети членови и гости на Dialog на годишната средба во Ирска кон средината на август. Протечените детали помагаат да се склопи слика за што разговара светската политичка и бизнис елита на овие средби. Закажани се панели на разни теми, од актуелните геополитички прашања и ризиците од избувнување трета светска војна, до технолошката револуција и истражувањата за долговечност. Формуларите за регистрација откриваат дека главна преокупација на елитата е како вештачката интелигенција драстично ќе го смени светот за неколку години.
Пријавените учесници доставиле писмени предвидувања за ризиците од масовно отпуштање на работната сила и враќање кон синдикатите, појава на домашен тероризам насочен кон огромните центри за податоци, и од психолошките феномени како „општествена дегенерација“ и „егзистенцијален страв“.
Во програмата се наведени и неофицијални сесии, со наслови како „Дали парите купуваат среќа“, „Навигација низ Третата светска војна“, но и „Каков е вашиот сексуален живот?“.

Списокот на учесници воопшто не е наивен. Генералот Алексис Гринкевич, врховен командант на сојузничките сили на НАТО во Европа е редовен учесник уште од 2021 година. На средбата во Ирска од 12 до 16 август годинава ќе учествуваат и Џаред Кушнер – зетот на претседателот Трамп, министерот за финансии Скот Бесент, секретарот на Армијата Ден Дрискол и шефицата на Администрацијата за борба против наркотици (DEA) Хели Хофман. Поканети се и двајца влијателни сенатори – републиканецот Тед Круз и демократот Кори Букер, како и повеќемина актуелни и поранешни гувернери, политички коментатори, новинари, актери и евангелистички пастори.
На чело на списокот со директори е Илон Маск, првиот билионер во светот, и Џо Лонсдејл - коосновач на Palantir чиј софтвер го користат Пентагон, разузнавачките служби и службата за имиграција.
Ниту еден од учесниците не се пријавил со својот официјален имејл. Во формулар испратен заедно со поканата се бара од учесниците да достават лични чувствителни податоци, вклучувајќи политички, идеолошки и верски ставови. Им се гарантира дека се ќе остане во најстрога тајност, исто како и се што ќе биде кажано и направено на форумот. Тоа, барем досега, беспрекорно се почитувало.
Dialog функционира и како мрежа за наоѓање сродни души. На учесниците им е понудена посебна апликација претставена како „пронаоѓање значајни врски за исклучителни луѓе“, на која заинтересираните можат да се претстават како „слободен маж“, „слободна жена“ или „друго“.
Средбата на Dialog во 2014 година привлече внимание кога беше објавено досието за Џефри Епстин. Подоцна беше утврдено дека поканата се однесувала на Џеф Епстин - поранешен финансиски директор во Oracle, а не на осудениот злосторник со слично име.