Американскиот систем за борба против тероризмот беше воспоставен со огромна поддршка и од демократите и од републиканците. Кога грабнатите авиони удрија во Светскиот трговски центар и во Пентагон, нацијата стравуваше од нови напади. Разузнавачките служби предупредуваа дека Ал Каеда може да употреби хемиско, биолошко, па дури и нуклеарно оружје. Тероризмот стана главна грижа на гласачите.
Сепак, ова сценарио никогаш не се случи. Америка почна одмазднички војни кои на крајот чинеа 8.000 милијарди долари, однесоа околу 900.000 животи и можеби поттикнаа повеќе тероризам отколку што спречија.
Првичниот противнапад против терористичката мрежа на Осама бин Ладен во Авганистан се покажа како успешен. Од 2001 година Ал Каеда изведе само еден смртоносен напад во САД, кога еден офицер на саудиското воено воздухопловство уби тројца Американци во поморска база во 2019 година. Во спорадични терористички напади, главно од домашни радикализирани џихадисти, загинаа уште 122 луѓе. Денес, помалку од 1% од Американците сметаат дека тероризмот е главниот проблем со кој се соочува земјата.
Големите ресурси што Америка ги вложи во својот систем за борба против тероризмот одиграа значајна улога. Конгресот го формираше Министерството за внатрешна безбедност, со цел да ги заштити САД од терористички закани или напади. Бројот на заедничките работни групи на ФБИ за борба против тероризмот драстично порасна од 35 на над 200 денес. Подоброто откривање и споделување на разузнавачки информации спречија голем број заговори. Но широките овластувања што го овозможија тоа поттикна дебата за злоупотреби.

Мерките усвоени од Конгресот во времето на Џорџ Буш и денес претставуваат моќни алатки. Овластувањето за употреба на воена сила (AUMF), кое дозволи напади врз Ал Каеда и поврзаните групи, претседатели од двете партии го искористија за војни по избор во Сирија, Јемен и Сомалија. Трамп лани се повика на AUMF за да нареди напади врз групата Исламска држава во Нигерија.
Законски одредби ја проширија основата за означување на групи како „странска терористичка организација“ и ги зајакнаа овластувањата на Министерството за финансии за дејствување против мрежите што ги финансираат овие групи. Трамп означи како „терористички“ низа латиноамерикански нарко-банди за да ја оправда кампањата на ракетирање бротчиња осомничени за шверц на дрога на Карибите и во Пацификот. Во вакви напади досега беа убиени најмалку 277 луѓе.
Нарко-терористите се ИСИС и Ал Каеда на западната хемисфера и со нив треба да се постапува соодветно, изјави неодамна шефот на Пентагон Пит Хегсет.
За „странски терористички организации“ Стејт департментот прогласи и ограноци на радикалното левичарско движење Антифа и изврши притисок врз сојузниците да го сторат истото.
Реформирањето на агенции формирани по 11 септември, како на пример Министерството за домашна безбедност, се покажува политички проблематично. Демократскиот сенатор Тим Кејн го повика Конгресот да го укине AUMF од 2001 година, но не доби поддршка.
Иако демократите денес го критикуваат претерувањето додека се во опозиција, тие можеби ќе бидат помалку заинтересирани да ги демонтираат алатките за борба против тероризмот по враќањето на функцијата, оцени аналитичарот Даниел Бајман од Центарот за стратегиски и меѓународни студии.