Под изговор на борба против „дезинформации“ и „гласини“ на социјалните медиуми, земјите од Заливот започнаа агресивни кампањи за апсење на стотици граѓани и жители, јасно ставајќи до знаење дека секој израз надвор од официјалниот наратив може да се третира како „безбедносна закана“ па и „глас на непријателот“.
Повиците да не се фотографира или објавуваат снимки не беа совет туку официјални предупредувања. На прв поглед, аргументите изгледаа веродостојни: да се избегне паника, да се заштити националната безбедност, да не се шират информации кои би му користеле на непријателот.
Набрзо овие директиви станаа основа за многу поширока кампања на репресија, која се префрли од предупредувања на апсења. Земјите од Заливот воведоа речиси целосно затемнување на протокот на информации, тврдејќи дека независната содржина може да шири страв, воено да му помогне на непријателот или да биде предавство.
Во пракса, војната против Иран стана готов изговор за криминализирање на говорот.
Бахреин: Масовни апсења
Министерството за внатрешни работи забрани собири, властите уапсија над 260 граѓани со обвиненија од типот „злоупотреба на платформи“ и „симпатија кон иранската агресија“. Репресијата не е ограничена само на граѓаните на Бахреин. Жители од различни националности се уапсени за снимање, објавување или ретвитање видеа од напади врз земјата. Јавното обвинителство на Бахреин дури побара од судовите да изрекуваат смртна казна за лица обвинети за „шпионажа за непријателот“.
ОАЕ и Саудиска Арабија го монополизираат наративот
Абу Даби го следи патот на Бахреин. Сериозни ограничувања за движење на граѓаните и жителите, како и за тоа што можат да објавуваат онлајн. Јавното обвинителство ги предупреди корисниците на Икс да не циркулираат слики или видеа од местата на напади. Овие мерки следеа по месеци построга дигитална цензура поврзана со тензиите со Саудиска Арабија околу Јемен. Само властите во Абу Даби уапсиле повеќе од 100 лица, вклучувајќи странци, под обвинение за снимање, објавување видеа или ширење „неточни информации“.
Создавачите на содржини, исто така, се под притисок. Властите сега од инфлуенсерите и јавните личности бараат претходно одобрение да објавуваат, дури и кога дискутираат за рутински прашања како што се пренатрупаноста на хотелите. Десетици сметки беа блокирани на Икс, вклучувајќи го и „Elon Trades“, откако објави видео на кое се гледа пожар во хотелот Фермонт во Дубаи, кое привлече повеќе од еден милион прегледи. Меѓу забранетите, има сметки на адвокати, водители на вести, уредници.
Саудиска Арабија тргна по сличен пат
На почетокот на март, државните агенции започнаа медиумска кампања „Снимањето му служи на непријателот“ - за да го прикажат секој обид за документирање на нападите како закана за националната безбедност. Кампањата на Ријад ги прикажуваше камерите и мобилните телефони како оружје во рацете на непријателот. Владата забрани „содржини што ги кршат авторските права“, „анонимни видеа“ и „гласини“, и ја повика јавноста да се потпира исклучиво на официјални извори.
Кувајт си го прошири маневарскиот простор
Како што ескалираше војната, Кувајт донесе закон за борба против тероризмот со широк и нејасен јазик што лесно може да се употреби за ограничување на слободите.
По него, „терористички чин“ е секој чин за ширење страв меѓу населението или загрозување на јавната безбедност. Таквата формулација го остава законот отворен за широко толкување и им овозможува на властите да го третираат речиси секој облик на несогласување како сериозен престап.
Американскиот новинар од Кувајт, Ахмед Шихаб-Елдин, беше притворен повеќе од шест недели откако сподели снимка од падот на американски борбен авион во близина на воена база во Кувајт. А материјалот веќе беше јавен и потврден.
Катар не остана покусо
Од почетокот на војната, МВР забрани објавување фотографии и видеа поврзани со напади во земјата, опишувајќи ги како закани за националната безбедност. Одделот за борба против сајбер-економски криминал објави дека се уапсени над 300 лица од различни националности поради ширење на „заведувачки“ видеа и информации.
Еден од приведените беше египетскиот учител Мохамед Тавхид, кој живее во Доха, заради коментар на официјалното соопштение дека бил пресретнат нападот со беспилотни летала врз воздухопловната база Ал-Удеид.
„Вие сте идиоти кои ги штитат оние кои не ве штитат вас“, пишал Тавхид. Брзо го избришал коментарот, попусто, промптно бил уапсен.
Нема потврда но постојат сомневања дека за новиот бран апсења низ Заливот се има користено шпионскиот софтвер Пегасус, развиен од израелската НСО групација. Саудиска Арабија, ОАЕ и Бахреин претходно беа поврзани со употребата на Пегасус против дисиденти под алибито на „национална безбедност“.
Види и: