Викиликс извади „грејтест хитс“ од документите што ги има објавено за Авганистан

Бидејќи сите се упорно изненадени како тоа Талибанците го освоија Авганистан ко да е Луна парк, и како и покрај милијарди долари истурени во земјата, пак никој не ги сака Американците, Викиликс извади топ 10 тајни документи од инвазијата на Авганистан што ги има објавувано изминативе години. И има што да се види, и што било игнорирано или заташкано.

1. НАТО има „Одреди на смртта“ во Авганистан

ТФ 373 (Task force 373) е специјалната „црна единица“ што лови мети „за смрт или затворање без судење“ а исто убива и „цивили мажи, жени и деца.“ На листата за „убивање или заробување“ имало над 2.000 високи функционери од талибанците или ал Каеда.

Во голем број случаи единицата е испраќана да зароби одредено лице, меѓутоа во други таа едноставно има наредба да убие без да се обидува да уапси. Освен лицата од листата, ТФ 373 има убивано цивили мажи, жени и деца, па дури и авганистански полицајци кои им се нашле на патот.

Во 2008 прво специјалниот известувач на О.Н. за човекови права, Филип Алстон, заминува во Авганистан за да ги провери гласините за елиминации без никаква судска постапка. Тој предупредува дека меѓународните сили ниту биле транспарентни, ниту одговарале за своите постапки.

Во 2010 Викиликс вади протечени документи со деталите за мисиите на ТФ 373 и другите единици кои ги ловат луѓето на листата.

 

2. ЦИА го користи феминизмот за да го стиши  противењето на Западот кон воената окупација на Авганистан

Откако холандската влада паѓа заради прашањето за холандските војници во Авганистан, ЦИА се загрижува дека истото може да се случи и во другите држави со голем број војници во мисијата на ИСАФ. По ова тие предлагаат ПиАр стратегии кои ќе се фокусираат на клучните точки идентификувани во секоја од овие држави. Во Франција тоа е сочувството на јавноста кон авганистанските бегалци и жените. Во Германија тоа е стравот од последиците од пораз во Авганистан (дрога, бегалци, тероризам) и позицијата на Германија во НАТО.

 

3. Тунелите во Авганистан што САД ги бомбардираа, изградени се од ЦИА

Комплексните подземни тврдини, километри и километри тунели, бункери и бази, ископани во карпите на Авганистан (пример Тора Бора), се дел од комплексите за муџахедини финансирани делумно со пари од ЦИА, делумно со пари и опрема на Осама бин Ладен.

 

4. НСА ги контролира сите комуникации во земјата.

Во 2013, НСА започнува со масовно следење во Авганистан, кое опфаќа снимање на речиси сите домашни и меѓународни разговори.

 

5. Шведска бара да се изврши бомбардирање во Авганистан за да се промовира нивниот нов воен авион

Лобирањето е со цел во Авганистан да влезат ЈАС Грипен воените авиони, за таму да можат да стекнат воено искуство кое би било корисно и за шведската авијација, и да се зголеми пазарната вредност на Грипен.

 

6. Уште тогаш авганистанските лидери летале од земјата со милиони долари во готовина

Во еден инцидент потпретседателот на Авганистан, Ахмад Зиа Масуд е запрен и испрашуван на аеродромот во Дубаи каде слетал со 52 милиони долари во кеш. На потпретседателот му било дозволено да продолжи со парите.

Во депешот испратен од американскиот амбасадор во Авганистан, Карл Еикенбери, пишува:

„Огромни количества пари влегуваат и излегуваат од земјата на неделно, месечно и годишно ниво. Пред претседателските избори на 20 август, пријавено е повлекување на 600 милиони долари од банкарскиот систем, сепак во изминативе месеци сумите се околу 200 милиони долари.“

Парите главно се пренесуваат преку Памир ерлајнс, компанијата во сопственост на Кабул банк и влијателни Авганистанци како братот на поранешниот претседател Махмуд Карзаи.

Наводно претседателот на Кабул банк, поседува 39% од недвижностите на Палмата во Дубаи.

 

7. На НАТО со години му е повторувано да не зборува за крајниот датум на војната

Во главниот водич за наратив на НАТО за Авганистан стои „Под никакви услови крајниот датум на мисијата не треба да биде тема за шпекулации во јавноста од кој било портпарол на НАТО/ИСАФ.

Нема однапред дефиниран датум за крај на мисијата, има само крајна состојба: Авганистанските национални безбедносни сили да можат да обезбедат безбедност и да одржат стабилност во Авганистан без поддршка од НАТО/ИСАФ“.

 

8. Воените записи од Авганистан откриваат масовни масакри извршени од американски и коалициски бомбардери.

Локалната влада во земјата е крајно корумпирана. Талибанците во тоа време, 2006, се еден вид политичка опозиција која има многу поддршка. Локалците се креваат против владата. Најголем дел од младите мажи во областа (Кандахар) од политичка перспектива се Талибанци.

Таму владините обиди за контролирање на територијата се дочекани со многу отпор. ИСАФ започнува со масовната операција Медуза. Влегуваат од куќа во куќа. Кога во акцијата е убиен еден американски војник, тие веднаш повикуваат АЦ-130 воен авион, кој кружи над населбата и ја посејува со куршуми.

Во воениот дневник стои дека се убиени 181 „непријател“. Дневникот исто така покажува дека нема ниту еден ранет или заробен. Ова е значителен масакр.

Ова е Медуза масакрот во Кандахар.

 

9. На американските разузнавачи со години им е јасно дека авганистанската полиција е корумпирана и алчна

„На полицијата сериозно и недостасуваат пари, не се обучени и слабо се опремени. Дополнително, авганистанската популација ја смета полицијата за корумпирана и алчна,“ пишува во Заклучоците и препораките на американската влада за Авганистан и Пакистан од 2008.

 

10. Асанж за бескрајната војна и транснационалната безбедносна елита

„Целта е Авганистан да се искористи за перење пари на даночните обврзници од Америка и Европа преку Авганистан и назад во рацете на транснационалната безбедносна елита. Целта е бескрајна војна, а не успешна војна“.

24 август 2021 - 15:03