Повлекувањата на обвиненијата се случуваат кратко пред Путин да се обрати пред 2.500 припадници на безбедносните сили на плоштадот во Кремљ, на кои им се заблагодари што „запреле граѓанска војна“.
Во неделата, откако Пригожин прифати да се пресели во Белорусија, а бунтот веќе беше згаснат, Путин ги нарече платениците на Вагнер „предавници“ кои „мора да разберат дека ќе бидат донесени пред правдата“.
Казната за обид за воен удар во Русија е 20 години, а што се однесува на лидерот процените на аналитичарите беа дека е само прашање на време кога Пригожин ќе биде елиминиран.
Во ваква состојба во вторникот властите објавија дека кривичната истрага околу бунтот е затворена, и дека нема да има обвиненија за ниту еден учесник, вклучително и Пригожин. Припадниците на Вагнер добија опција или да се приклучат на редовната руска војска или да се пензионираат, а групата повеќе нема да постои во нејзината досегашна форма. Се очекува дека Вагнер и понатаму ќе продолжи да функционира вон Русија, главно во африканските држави во кои и до сега беше присутна.
Од ФСБ објасниле дека нема потреба за обвиненија бидејќи луѓето вклучени во бунтот „ги прекинале активностите насочени кон предизвикување кривични дела“.
Кратко пред ова соопштение на руските власти, приватен авион кој претходно се поврзува со Пригожин слетал на воен аеродром во близина на Минск, а полетал од Ростов. Подоцна и Лукашенко потврди за локалните медиуми дека Пригожин е во земјата.
Во изјава од понеделникот, Пригожин отфрли дека случувањата од саботата биле обид за пуч во Москва, туку „мастер-клас“ за тоа како се води војна.
За време на говорот во Кремљ, присутен беше и рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, според Пригожин еден од главните виновници (заедно со Герасимов) за руските неуспеси во Украина.