Украинските девојки на мета на макроа

Се маскираат во волонтери или ги чекаат на граница со примамливи дестинации напишани на картони за по неколку дена да исчезнат. „Кога си на дното, без пријатели и пари, лесно можеш да правиш незамисливи работи,“ вели една волонтерка која и самата била намамена на проституција.

Според податоци на ОН, околу 10 милиони луѓе од Украина ги имаат напуштено своите домови заради војната. Околу 6 милиони се раселени во делови на Украина кои се сметаат за побезбедни но преку 3,5 милиони се во странство.

Воениот ужас е зад нив но и она што е пред нив, не е најсигурно, особено за деца и млади девојки. Во Украина и околните земји и пред војната постоеше трговија со девојки а воениот хаос обезбеди огромни прилики за ширење на тој бизнис.

Многу деца заминаа од Украина без придружба. Нестандардизираните процеси за регистрација во Полска и другите погранични региони, особено на почетокот на војната, резултираа со губење на деца па нивното актуелно пребивалиште не е познато.

Екипата на BBC ја запознала Маргерита Хусманов, украинска бегалка од Киев во свои рани 20-ти години. Дошла до полско-украинската граница пред две недели но решила да остане, за да спречи други бегалци да паднат во погрешни раце.

„Жените и децата овде доаѓаат од страшна војна. Не зборуваат ни англиски ни полски. Не знаат што се случува и веруваат во она што им се кажува. Пред некој ден на станицата видовме тројца мажи од Италија. Бараа млади жени. Викнав полиција и се покажа дека планирале да ги продадат во сексуални робинки. Не беше параноја. Ужасно е.“, вели младата Хусманов.

Таа објаснува дека мажи со примамливи дестинации напишани на картони често се присутни во првите денови на доаѓањето нов бран бегалци. Потоа исчезнуваат. Има и такви кои се преправаат во волонтери.

Во Полска околу 600 жени се ангажирале да помагаат во вакви ситуации и и да не дозволат девојките од Украина да завршат како сексуални робинки.

Една од волонтерките вели дека кога си на дното, без пријатели и пари, лесно можеш да правиш незамисливи работи. Знае бидејќи и самата била намамена на проституција кога била помлада. 

Украинските тинејџерки не биваат мамени само од мажи туку и од жени и девојки кои на почетокот им нудат блескава облека и одење по забави. Потоа им се нудат авионски карти за Мексико, Турција, Обединетите арапски емирати... без да знаат кај кого ќе завршат.

29 март 2022 - 12:37