Украински дронови растуриле американска оклопна бригада на воени вежби

Американците ќе треба сериозно да го преиспитаат капацитетот за модерно војување на копно. На воени вежби во Германија, елитна оклопна бригада од базата Форт Худ во Тексас била разбиена при секое соочување со украински дронови управувани од ветерани од војната со Русија. Пентагон побара уште милијарди долари за системи за одбрана од дронови.

Украинските дронови биле апсолутно доминантни во дуел со американски единици на воената вежба „Combined Resolve“ на полигон во Германија во текот на април и мај. Резултатот потврдува дека Украинците за само неколку години развиле понапредни дронови и борбени тактики од Американците, кои своевремено беа пионери во оваа технологија и инвестираа милијарди долари во развој на беспилотни летала со долг дострел.

Во вежбата учествувале околу 3.500 припадници на американските сили, главно од 3-тиот борбен тим на оклопната бригада при 1-вата коњаничка дивизија. Нивната задача била да нападнат противничка позиција, чија одбрана била зајакната со украински трупи од 412-от полк на силите за беспилотни системи (Немезис). Американските трупи биле опремени со стандардни системи за електронско војување и одбрана од дронови.

Тешките тенкови и оклопни возила од американската бригада ја издавале својата локација со прашината што ја кревале околу себе и лесно биле откриени од украинските извидувачки дронови. Потоа се активирале вооружените дронови, кои исфрлаат експлозив или самите со голема брзина удираат во тешките возила.

По неколку рунди, Американците морале да ги враќаат „уништените“ возила за да продолжат вежбите. На повторените сценарија во текот на две недели, американските единици ги подобриле перформансите, биле повешти во распрснувањето, камуфлирањето и користењето на средства за електронско војување.

Новите борбени тимови на мобилните бригади, опремени со најнова опрема и тактики, се покажаа многу подобро, изјави претставникот на Армијата.

Резултатот всушност бил очекуван. На вежбите во мај минатата година во регионот на Балтикот, украинските оператори на дронови лесно ги победија британските, естонските и единиците од други членки на НАТО, вклучително и американскиот контингент, за време на вежба во регионот на Балтикот.

Вежбата им помогнала на двете страни да ги надградат тактиките. Особено на Американците, кои имаат тешкотии да се одбранат од иранските долгострелни дронови, кои продираат преку одбраната во базите околу Персискиот залив. Пентагон неодамна вложи уште милијарди долари за набавка и развој на одбрана од дронови и формираше специјални единици.

Во Украина, пак, дроновите уништија толку многу тенкови и борбени возила, поради што и Русите и Украинците престанаа да користат механизирани единици покрај линијата на фронтот.

Воените теоретичари, како поранешниот главен командант Валериј Залужни, тврдат дека технологијата на беспилотни летала всушност ја замрзнале линијата на раздвојување. И Русија и Украина трагаат по нови технолошки и тактички решенија што би овозможиле пробив на фронтот. 

13 август 2026 - 14:46