Учиме од Данци: доволно е „хјуга“ ајде малку „самфундсинд“

Хјуга (hygge) е данската животна филозофија за која сите некако сфатија дека е доволно да пијат чај покрај прозор за да ја постигнат. Кај самфундсинд (samfundssind) не се работи за тебе, се работи за сите.

Зборот кој прв пат се појавува во данскиот речник во 1936, прилично ретко се користи се до почетокот на пандемијата кога во март годинава данскиот премиер ги повика своите сограѓани да покажат „самфундсинд“, што упростено се објаснува како „ставање на општите потреби пред сопствените потреби“.

Концептот на самфундсинд се поврзува со нешто што се нарекува „капитал на општеството“, односно:

„Членовите на заедници со високи нивоа на ваков капитал обично повеќе им веруват на останатите членови и се чувствуваат поповрзани со своите сограѓани - што се обележја кои сами по себе прават тие повеќе да се грижат за потребите на заедницата отколку за сопствените потреби,“ пишува данскиот психолог Мари Хелвег Ларсен.

Најслабата страна на овој концепт е што тој е дански, и за тој да функционира како што функционира Данците имаат исполнето и колосални предуслови од типот: висока меѓусебна доверба на населението, висока доверба во институциите (полиција, влада...) и една од најниските стапки на корупција.

А кога живееш во таква средина и со таква доверба во институции и луѓето околу тебе, многу е поверојатно дека ќе носиш маска во јавност или дека ќе работиш од дома, па така Данците денес имаат меѓу подобрите резултати (во споредба со Европа и САД) во борбата против ковид-19 одржувајќи ниска стапка на нови заразени и починати од вирусот, и висока стапка на почитување на мерките против негово ширење. Една од студиите спроведена во земјата открива дека Данците многу повеќе се плашат да не заразат некого, отколку што се плашат дека тие лично ќе се заразат.

 

9 декември 2020 - 13:53