Училишта отфрлаат лаптопи, се враќаат на молив и хартија

Владите низ светот потрошија милијарди долари на програмите „компјутер за секое дете“ за да овозможат поквалитетно образование за учениците. Лаптопите од времето на пандемијата веќе се застарени, нови студии покажуваат дека компјутерите повеќе им го одземаат вниманието на учениците отколку што им помагаат, па наставата сè повеќе се враќа на молив и хартија.

Училишта низ Америка тивко признаваат дека екраните и пристапот до интернет во училниците ги влошиле резултатите на тестовите на учениците, па експериментираат со напуштање на современата технологија што масовно ја промовираа.

Средното училиште „Мекферсон“ во Канзас уште пред четири години ги забрани мобилните телефони во училниците, но наставата продолжи со пристап на учениците до компјутери поврзани на интернет. Во декември минатата година презеде уште поекстремен чекор и од вкупно 480 ученици побара да се откажат од лаптопите и во училниците и дома. 

Наставниците заклучиле дека откако децата останале без мобилните телефони, ги користеле училишните лаптопи за играње игри или гледање клипчиња на Јутјуб и Тикток, наместо за активности што поврзани со наставата. Од декември, лаптопите може да се користат само за специфични активности, со надгледување од наставниците. Во поголемиот дел од времето, оставени се спакувани во кутии. Учениците следат настава без дигитални помагала и своерачно запишуваат белешки во тетратки. 

Современата технологија може да биде алатка, но не е решение за образованието, вели директорката Инге Еспинг, која лани ја освои наградата директор на годината во Канзас.

Следејќи ги примерот на Мекферсон, училишта во други сојузни држави - Северна Каролина, Вирџинија, Мериленд и Мичиген - ги преиспитуваат своите политики „лаптоп на секој ученик“, за која се трошат милиони долари, особено откако студиите покажуваат дека вклучувањето на модерната технологија во наставата се поклопува со послаби резултати на учениците на тестовите. 

Мејн во 2002 година беше една од првите сојузни држави што воведоа лаптопи во училиштата. По 15 години, резултатите на тестовите по математика и природни науки се полоши.

Џаред Куни Хорват, невронаучник и поранешен наставник, во сведочење пред Комитет на Сенатот оцени дека Генерацијата Z е првата во модерната историја што постигнала пониски резултати од своите родители на стандардизирани тестови.

Одвлекувањето на вниманието е главен виновник за деградацијата на учењето. Вниманието на учениците тешко се враќа ако биде пренасочено. Образовните системи згрешија, изјави Хорват.

Училиштата во Северна Каролина на компјутери потрошија 448 милиони долари од федералните средства наменети за настава од далечина во периодот на пандемијата. Откако овие средства пресушија, училиштата се мачат да ги заменат расипаните или застарени уреди, кои во просек траат помалку од една деценија. 

Училиштата како стандардни ги прифатија лаптопите од типот Google Chromebook, кои ги произведуваат Lenovo, Acer и Dell. Лаптопите се релативно евтини, со просечна цена помеѓу 300 и 400 долари по уред. Aлатки како Google Classroom станаа столб на наставата во американските училишта од градинка до 12-то одделение. Ова се покажа како профитабилно за Гугл, зголемувајќи го профитот од Chromebook на 14 милијарди долари во 2025 година.

11 април 2026 - 15:09