И покрај тоа што американските сили ракетираа стотици бази, локации и патролни чамци на Револуционерната гарда, иранските сили постојано покажуваат дека се уште можат со дронови и ракети да ги гаѓаат комерцијалните бродови што поминуваат низ тесниот морски пат. Лансерите се скриени на површина колку една третина од САД.
Иран со децении се подготвуваа за ваков вид асиметричен конфликт. Покажуваат зошто ниту еден друг американски претседател по Роналд Реган не избрал да се отвори конфликт со Иран на ова ниво, бидејќи тие имаат способност целосно да го затворат Ормускиот теснец, вели Џејсон Кембел, поранешен службеник во Пентагон и соработник во Институтот за Блискиот Исток.
Претседателот Доналд Трамп се реши за ракетирања и повторно воведување блокада на иранските пристаништа, за да го исцрпи режимот во Техеран. Ако тоа не успее, Трамп најави дека ќе бомбардира цивилни цели – енергетски централи, мостови и инфраструктура.
Резултатите мора да дојдат брзо. Мнозинството Американци се против војната и поскапувањето на бензинот, што секако ќе влијае врз исходот од изборите за нов состав на Претставничкиот дом и за дел од Сенатот во ноември. Во исто време, брзо се исцрпуваат американските проектили и ракети, кои нема да може да се надополнат со години.
Ова е тест на волјата, за да се види колкава економска болка Иранците се спремни да издржат. Но, ова може да биде економска и политичка болка за Трамп и републиканците пред ноември, вели Ерик Лоб, професор по политика и меѓународни односи на Меѓународниот универзитет во Флорида.

Кембел не гледа начин Трамп да ја преземе контролата врз протокот без да испрати американски војници на иранско копно.
За да се направи тоа, би биле потребни десетици илјади војници. Треба да се отстранат минираните замки, да се обезбедат стотици милји крајбрежје и големи делови од внатрешната територија. Американските војници веројатно би се соочиле со напади, предупредува Кембел.
Такви сценарија биле разработувани во институтот за глобална политика RAND, кој од 1948 година прави анализи и дава стратешки совети за владата на САД, сојузничките нации и приватниот сектор.
Воениот аналитчар објаснува дека Иран произведува делови за своето оружје во различни објекти за да го намали ризикот од напад. На воените единици честопати им е дозволено да дејствуваат без да чекаат наредби од Техеран. Не се групираат на едно место, што ги прави воздушните напади неефикасни.