Неочекувано жестокиот ирански одговор ги принудил САД и Израел да се откажат од исполнување на другите цели што ги поставија на почетокот на војната – соборување на теократскиот режим во Техеран, а со тоа и целосно уништување на програмите за развој на нуклеарно оружје и балистички проектили со голем дострел.
Ако САД со ограничена копнена операција успеат да го деблокираат Протокот, тоа би му овозможило на Трамп да прогласи „победа“, пишува Вашингтон пост, повикувајќи се на високи извори во Израел.
Кон регионот пловат најмалку два брода со вкупно 4.500 американски маринци и морнари, вклучувајќи и пешадиски баталјон поддржан со хеликоптери, борбени авиони и оклопни транспортери. Во изминатите неколку дена се зголемил и бројот на летови на воени транспортери од САД кон Блискиот Исток.
Маринци не доаѓаат за украс, изјавил изворот на Вашингтон пост.
Тој додава дека можна цел на засилувањата е да се заземе и островот Харг - главниот центар на Иран за извоз на нафта.
Контролата на Харг би им овозможило на САД и Израел да го остават Техеран без приходи од нафта. Трамп очекува дека со отворањето на Теснецот ќе му се намали политичкиот притисок од Конгресот, домашната јавност и арапските сојузници, пишува Вашингтон пост.
Во ова сценарио, Израел и САД би го задржале правото да спроведуваат напади врз Иран ако оценат дека Техеран повторно го блокира протокот или продолжи да развива нуклеарно оружје и проектили.
Трамп во саботата се закани дека САД ќе почнат напади врз иранските енергетски централи ако Иран во рок од 48 часа не го деблокира Ормускиот Теснец за сите бродови. Револуционерната гарда го отфрли ултиматумот и се закани со реципрочни напади врз американските сојузници во регионот.
Ако ни ја нападнете струјата, ние ќе удриме врз струјата, објави Гардата.
Со досега најсилниот напад врз градови во јужен Израел, во кој беа повредени над сто луѓе, Иран воедно покажа дека сè уште има проектили и лансирни центри, како и решеност да ги користи.