Трамп има манијачки нагон да повредува невини луѓе

Трамп има „речиси опсесивна манија“ за осакатување цивили, тврди поранешен висок офицер, кој лично ги слушал предлозите од претседателот на доверливи состаноци за безбедносни закани за САД. Барал да се пука во мигранти. Ако не да се убијат, барем во нозете. Ако сега изврши воени злосторства во Иран и не биде казнет, Западот ќе го изгуби секој морален авторитет.

Доналд Трамп се закани дека ќе ја бомбардира иранската нафтена инфраструктура и постројките за десалинизација - објектите што го одржуваат цивилното население во живот. Кога критичари истакнаа дека намерното таргетирање на цивилната инфраструктура претставува воено злосторство според меѓународното право, Белата куќа одговори дека „претседателот практикува строга дипломатија“.

Човекот не блефира. Тој има речиси опсесивна привлечност кон идејата за осакатување на цивили. Знам. Лично го слушнав како предлага најнечовечки дела, вели Мајлс Тејлор, поранешен шеф на кабинетот на Министерството за домашна безбедност во првиот мандат на Доналд Трамп.

Во тоа време, Трамп бил фиксиран на колоните од мигранти кои од Централна Америка се движеле кон САД.

Трамп беше речиси манијак. Ќе се јавеше на нашиот раководен тим доцна во ноќта за да им ги пренесе најновите слики што ги видел на телевизија. Беше бесен што овие луѓе се осмелуваат да му се спротивстават со тоа што ќе дојдат во САД за да побараат азил. Ги сметаше за непријателска странска армија што планира инвазија и која треба да биде елиминирана, вели Тејлор.

На состаноците во Овалната соба, во Ер Форс 1 и на брифинзите во Ситуациската соба, претседателот побарал неговата влада да направи работи што би биле незамисливи за кој било претходен американски претседател - или ненормални за повеќето рационални луѓе - за да ги запре мигрантите.

Трамп предложи насилство. Поконкретно, сакаше да ја искористи заканата од физичка повреда и смрт за да ги одврати, вели Тејлор.

Претседателот предложил војска на границата да демонстрира сила користејќи тешко оружје, да се офарба граничниот ѕид во црно за да се загрее на сонце и да ги изгори рацете на секој што ќе го допре, да се постават шилци што бодат месо на врвот за да протече крв од оние што ќе се обидат да се прекачат и тоа да биде порака за сите други... Спомнал и да се ископа ров од 2.000 милји по должината на јужната граница и да се наполни со отровни змии и влекачи за да ги изедат азилантите.

Сето ова можеби звучи драконски, и беше така, но претседателот прифати поедноставна опција за да ги исплаши луѓето. Предложи, во повеќе од една пригода, да се пука врз мигрантите. „Само пукајте во нив. Кој е подобар начин за одвраќање ако некои од нив да бидат убиени?“ Кога му беше кажано дека употребата на смртоносна сила против невооружени цивили е нелегална, Трамп се налути, како да сме со слаба волја, раскажува Тејлор.

Неколку месеци подоцна, на состанок во Овалната соба за шверц на дрога преку границата, Трамп се пожалил дека војниците се неефикасни затоа што не смеат да употребат смртоносна сила. Потсетен дека не може да убива невооружени цивили, Трамп предложил друг пристап: „Тогаш пукајте им во нозете ако морате!“.

За Тејлор воопшто не е изненадување тоа што „лидерот на слободниот свет“ се заканува со напади врз луѓе и цивилна инфраструктура во Иран, што според меѓународното право е воено злосторство.

Не ми треба меѓународно право. Не сакам да повредувам луѓе“, изјави Трамп во јануари за Њујорк тајмс. На прашањето дали има ограничувања за неговите овластувања, тој рече: „Да, има едно нешто. Мојот морал. Мојот ум. Тоа е единственото нешто што може да ме запре“.

Тејлор предупредува дека ако Трамп изврши воени злосторства и не биде казнет, Западот ќе го изгуби секој морален авторитет.

Женевските конвенции, законите за вооружени конфликти дизајнирани за да ги поштедат цивилите од најлошото од војната и за да ги ограничат нашите внатрешни демони, не се спроведуваат сами од себе. Тие опстанаа затоа што западните нации, предводени од САД, прво ги третираа како обврзувачки за себе. Во моментот кога Америка ќе стане земјата што бомбардира постројки за десалинизација и ќе го нарече тоа дипломатија, ние објавуваме дека правилата се мртви, предупредува поранешниот началник во Министерството за внатрешна безбедност.

7 април 2026 - 16:18