Трамп го претвора НАТО во машина за пари

Претседателот на САД го преформулира трансатлантскиот сојуз изграден врз заеднички демократски вредности, во рамка во која се чувствува поудобно – поле за трговија и бизнис. Откако лани ги убеди сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана, сега во Турција го насочува фокусот кон тоа колку Европејците можат да потрошат на американска воена опрема.

Ставот „бизнисот е на прво место“ беше очигледен на секој од шесте годишни самити на НАТО на кои учествуваше Трамп во своите два мандати. Спроти самитот во Анкара, тој го засили притисокот врз сојузниците со најави за повлекување на американските сили од Европа, па дури и со предупредувања дека САД нема да им помогнат ако бидат нападнати.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го подготви теренот на самитот во Анкара да се склучуваат договори за воена соработка. При посетата на Вашингтон минатиот месец тој истакна дека европските инвестиции поддржуваат 110.000 американски работни места преку нарачки од 300 милијарди долари за американско оружје.

Британија и Германија, неколку дена пред самитот, објавија планови за производство на американско оружје во нивните земји под лиценца.

Амбасадорот на САД во НАТО, Мет Витакер, го оцени како „добар почеток“ тоа што сојузниците лани издвоиле речиси 120 милијарди долари за одбрана, од кои половината се за опрема произведена во САД.

Тоа е значително поголема инвестиција од минатогодишниот самит, каде што сојузниците собраа 90 милијарди долари, по барањето од Трамп да ги зголемат своите трошоци за одбрана од 2% на 5% од БДП, за да не ја изгубат поддршката од САД.

Шефот на Пентагон, Пит Хегсет, од друга страна, се пожали дека сојузниците не им помогнале на САД во војната со Иран, иако Вашингтон ниту им ја најави својата намера ниту побара помош од нив сè додека Иран не го затвори Ормускиот проток.

Откако Шпанија и Британија одбија да ги отстапат своите бази за американски авиони вклучени во војната против Иран, Трамп се закани дека ќе преиспита дали Вашингтон треба да ја почитува обврската од Членот 5 за заемна одбрана на Алијансата.

Сојузниците, сепак, веруваат дека на самитот во Анкара ќе обезбедат писмена посветеност на САД дека ќе реагираат ако биде нападната која било членка на НАТО. Тоа е наведено во предлог-текстот за завршната изјава од самитот.

Европа сè уште е зависна од САД некое време. Затоа не е во наш интерес да се бориме. Но, исто така, треба да им дадеме до знаење дека Европа не треба да се зема здраво за готово, дека и ние имаме свои интереси, изјави европски дипломат за Политико.

7 јули 2026 - 08:09