Трамп е најлошо информираниот американски претседател во историјата

Добитникот на Нобелова награда за економија, Пол Кругман, прогнозира дека Ормускиот теснец во догледно време ќе остане затворен. Колку и да се залажува дека американската блокада ќе ја скрши волјата на Техеран, тие нема да му дадат повод да прогласи некаква победа. Трамп ја води Америка во најлошиот стратешки пораз во историјата кој Иран го претвори во глобално важна сила која контролира добар дел од протокот на енергенсите.  

Нобеловецот Пол Кругман тврди дека постојат неколку причини зошто Ормускиот теснец, критичен за глобалниот превоз, особено нафтата, останува затворен и се чини дека во скоро време не е блиску до повторно отворање.

„Хормуз нема да се отвори сè додека економската штета од неговото затворање не стане многу посериозна“, предупредува Кругман.

За теснецот да биде отворен, и Иран и Америка - односно претседателот Доналд Трамп - треба да се повлечат, што значи двете страни треба да престанат со она што го прават сега. Иран да го прекине ембаргото, САД да ја прекинат својата блокада.

Што го спречува тоа? Во голема мера, вели Кругман, „егото“ и „незнаењето“ на Трамп, заедно со тоа што Иранците немаат причина да веруваат дека Трамп ќе го стори она што го кажува.

„Егото на Трамп е толку кревко што никогаш не може да признае дека изгубил“, пишува Кругман. „Тој не може да поднесе да се соочи со реалноста дека тој, главно сам, ја водеше Америка до најголемиот стратешки пораз во нејзината историја. Затоа очајно сака да извлече отстапки од Иран што ќе му дадат смоквин лист за да го покрие срамот и ќе му овозможи да прогласи победа.“

Малку е веројатно дека Трамп ќе може да извлече отстапки од Техеран.

Тој се залажува себеси дека може да дојде до тоа а тие заблуди му ги засилуваат неколкумина околу него.

Кругман заклучува дека „Трамп е очигледно најлошо информираниот претседател во модерната историја за вистинската состојба на Америка во војна“.

Точно што сака Трамп не е баш најјасно, но „во секој случај тоа нема да го добие“.

Без оглед на тоа како затворањето на Ормускиот теснец им штети, Иранците знаат дека повеќе трпат САД и светската економија. Тие знаат дека Трамп ита кон голем изборен пораз во ноември поради гневот на Американците околу војната, нејзиното влијание врз економијата и упорното изневерување на предизборните ветувања.

„Иран нема да направи никакви отстапки што ќе ја ослабат неговата стратешка позиција - што значи дека нема да му понуди на Трамп ништо што може да го искористи за прогласување победа“, вели Кругман.

Тој прогнозира дека Иран ќе излезе посиромашен, но стратешки посилен а Америка ќе го претрпе својот најлош стратешки пораз во историјата како резултат на целосно непотребната авантура за задоволување на егото на Доналд Трамп. 

2 мај 2026 - 19:22