Уели Стек, Швајцарец со дузина рекорди во планинарење и Симоне Моро, Италијанец кој 4 пати го качувал Еверест, се приближувале кон третиот камп на Еверест (на висина од 7,470 метри) кога ја предизвикале тепачката.
Според изјавите на сведоците за Франс прес, во моментот кога Европејците се приближувале кон кампот, група шерпаси местеле нови јажиња и побарале од нив да почекаат. Двајцата, придружувани од фотограф кој го документирал нивното качување, го игнорирале барањето и продолжиле со качување кон кампот.
"Шерпасите им рекоа да не се качуваат над нив, додека ги местат јажињата. Но тие сепак продолжија. Додека овие се качуваат се одрони мраз и удри некои од Шерпасите. Ова ги разлути," изјавил сведокот за Франс Прес.
Подоцна во денот, бесна толпа од Шерпаси се упатила кон нивните шатори и почнала да ги каменува, се додека тие не излегле надвор. По ова започнала расправија и тепачка.
"По некое време кога толпата си замина, планинарите се спакуваа и се симнаа надолу. Колку што знам решија да си одат од планината. Беше страшно да се гледа, за малку ќе ги убиеја."
Според полицијата, само Стек бил примен во болница меѓутоа без посериозни повреди, додека Моро останал да го чека во пониските кампови.