Тексас против „шеријатските градови“

Ако после 11 септември во САД најмногу се стравуваше од исламски тероризам однадвор, денешниот американски страв е дека оваа религија ги руши темелите на американската нација. Иако бројот на муслимани во САД е речиси безначаен, европските градови се посочуваат како предупредување што може да се случи и таму. 

Веќе една ипол година трае кампањата  на републиканците од Тексас против она што го оценуваат како растечко влијание на исламот. Започна во февруари 2025 година, кога гувернерот Грег Абот го нарече планираниот проект за домување во еден исламски центар пример за создавање „шеријатски градови“.

Десетина државни агенции започнаа истраги, а во ноември Абот го означи Советот за американско-исламски односи за „странска терористичка организација“ и ѝ забрани да купува земјиште во Тексас. Муслиманските училишта потоа беа исклучени од новата програма за државни ваучери за образование.

На прв поглед, оваа кампања потсетува на периодот по терористичките напади од 11 септември и стравот од радикален ислам, но, поинаку е. Американската десница денес не зборува за заканата од тероризам однадвор, колку за можноста американското општество и неговиот идентитет да се менуваат одвнатре.

„САД се основани како христијанска држава!“, порача Грег Абот.

Слични ставови имаат и потпретседателот Џ. Д. Венс и Пит Хегсет. Меѓу најгласните застапници на ваквите идеи беше конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк, кој беше убиен лани и постхумно награден со Претседателски медал за слобода од Доналд Трамп.

Трамп, Венс и другите често ги спомнуваат европските градови како предупредување за она може да им се случи на американските.

Муслиманите сочинуваат само околу 1, 3 проценти од населението па стравот од  „преземање“ на земјата изгледа претеран. Но, поддржувачите на ова политичко движење тврдат дека бројот на муслимани не е клучен. За нив христијанските вредности се основа на американската нација и уставот а шеријатскиот закон и неговите принципи се директно спротивни на овие темели.

Сè поголем број политичари го гледаат исламот како закана за американскиот идентитет. Во 13 месеци, 46 републикански избрани функционери објавиле 1.111 антимуслимански објави, што е 15 пати повеќе од вообичаеното.

 

14 јули 2026 - 08:09