Саџан лично ги информирал канадските специјалци за локацијата на авганистанските Сики кои требало да ги спаси, а која ја добил од канадска Сики група која била во контакт со авганистанските сонародници.
Потсетувајќи на комплетниот хаос и апокалиптичниот крај на американската окупација на Авганистан, извори на канадски Глоуб енд меил, објаснуваат дека: „Авганистанските Сики не се сметаат за оперативен приоритет за канадската војска бидејќи тие немаат врска со Канада. Според изворите, интервенцијата на Саџан влијаела на спасувањето на Канаѓаните и останатите Авганистанци на приоритетната листа на Канада.“
„Начинот на кој тоа нам ни беше претставено беше: ако можете да го направите ова и да посветите внимание, би било одлично, но не запирајте со другите работи.
Меѓутоа еден ден подоцна тоа се врати како строга наредба. Нашето раководство е гневно. Тие се многу вознемирени.
Тие беа толку гневно разлутени, што последните 24 часа беа исклучиво посветени на спасување на Сиките. Бевме неуспешни,“ пренесува весникот изјава на учесници во операцијата.
Наводно операцијата не успеала затоа што преплашените авганистански Сики го напуштиле договореното место кратко пред доаѓањето на канадските војници чија задача била да ги однесат до аеродромот во Кабул. Неколку месеци подоцна Сиките успеале да избегаат во Индија со летови организирани од Њу Делхи.
Воени извори сметаат дека Саџан претерал кога почнал да врши притисок врз канадските специјалци да почнат да ги спасуваат Сиките. Според еден извор спасувањето било „логистички кошмар бидејќи во исто време се обидувале да ја забрзаат обработката на луѓе што имаат канадски пасоши.“
„Нивно наоѓање, преминување преку талибански проверки, поврзување, сето тоа се претвори во телефонска игра,“ изјавуваат извори на весникот.
Самиот Саџан по потекло е Сик чиј татко бил и на бордот на Светската Сики организација. Дополнително, падот на Авганистан се случува во првите недели од изборната кампања во Канада, каде Сиките се еден од најважните гласачки блокови за либералите.
Саџан отфрла дека извршил притисок, но потврдил дека пренесувал информации што ги добил од Сики организациите и дека приоретизирал некои работи.
„Им дадов насоки на Канадските вооружени сили, преку соодветната командна структура, за да им се помогне на група авганистански Сики кои беше утврдено дека ги исполнуваат условите за евакуација од Кабул.
Оперативните детали за тоа каде и како ова треба да се заврши се оставени на воените оперативни команданти и носителите на тактички одлуки на теренот,“ изјавил поранешниот министер за одбрана на Канада.