Семејството Сорос, кое редовно е еден од најголемите финансиери на кампањите на Демократската партија, е на добар пат да го сруши сопствениот рекорд на политички донации, поставен на претходните среднорочни избори во 2022 година. Тогаш таткото Џорџ и синот Алекс потрошија 128 милиони долари на политички кампањи, со половичен резултат. Републиканците освоија 10 пратеници повеќе од претходниот состав и го презедоа мнозинството во Претставничкиот дом. Во битката за Сенатот, демократите го задржаа мнозинството, со еден сенатор повеќе од порано.
Овој пат семејството Сорос се вклучи во кампањата многу порано, фаворизирајќи кандидати во фазата на партиски избори на кандидати. Анализа на „Вашингтон пост“ за 50-те најголеми донатори во овој изборен циклус досега покажува дека Џорџ Сорос е најголемиот поединечен донатор во двете партии.
Под раководство од 95-годишниот Џорџ Сорос, Фондацијата Отворено општество поддржуваше кандидати што се залагаат за повисоки даноци, иницијативи за декриминализација на дрогата, либерализација на имиграциската политика и реформа на полицијата.
Во изминатиот период Фондацијата донираше повеќе од 15 милиони долари на организации што поддржуваат пропалестински протести на универзитетите, финансира групи поврзани со протести против Службата за имиграција и царина (ICE) и издвои повеќе од 7 милиони долари за законски предлози што би ја ублажиле казнената политика кон сторителите на сериозни кривични дела.
Семејството Сорос е понезадоволно од американската политика денес од кога било досега. Тие сакаат да ја преобликуваат Америка во нешто сосема друго, вели Паркер Тајер од истражувачкиот центар CRC.
Федералната изборна комисија (FEC) објави дека семејството Сорос директно уплатило само 793.800 долари на кандидати во овој изборен циклус. Огромното мнозинство од над 100 милиони долари го канализирал преку супер-групата која Џорџ Сорос ја основал во 2020 година – практика на големите финансиери за да го отежнат следењето кај кои кандидати завршиле парите. Според финансиските извештаи, семејството Сорос веќе донирало 52% повеќе пари отколку за време на претседателските избори во 2024 година.
Нешто повеќе од половина од вкупниот износ, или 52 милиони долари, се исплатени преку Geosor - приватна компанија контролирана од Џорџ Сорос, а преостанатите 50 милиони доаѓаат од непрофитната организација Фонд за реформа на политиките, чиј директор, според даночните пријави, е неговиот син Алекс Сорос.
Спроти претседателските избори во 2024 година, Џорџ Сорос отворено му ја предаде контролата врз семејната политичка империја на Алекс, четвртото од неговите пет деца.
Џорџ веќе некое време не е оној што ги донесува одлуките. Во првиот политички циклус во кој е целосно надлежен, Алекс сака да се покаже поактивен од својот татко, вели Тајер.

Впечатливо е што синот поддржува уште порадикални кандидати. Донирал максимален износ за реизбор на конгресменката Илхан Омар, која се соочува со обвинувања за финансиски измами со сомалиската заедница во нејзиниот округ Минеаполис. Го вложил законскиот максимум и за конгресменот Ро Кана од Калифорнија, еден од поистакнатите прогресивни демократи за кој се шпекулира дека ќе се кандидира за претседател во 2028 година.
Даглас Келог, директор за владини проекти за организацијата Американци за даночна реформа, тврди дека Сорос всушност го финансира радикалното левичарско крило за да ја преземе контролата врз Демократската партија.
Парите зборуваат, а парите на Сорос зборуваат најгласно. Тие велат дека на маса се најподмолните, неуставни и најскапи зголемувања на даноците во американската историја, коментира Келог.