Бронзениот Кристофер Колумбо чека да се врати во градот кој го носи неговото име. Статуата висока три метри и тешка три тони беше подарок за Колумбус, главниот град на Охајо, од збратимениот италијански град Џенова.
Но, Градското собрание, пред кое беше поставен, во 2020 година реши да го отстрани, оценувајќи дека Колумбо е симбол на „патријархат, угнетување и поделби“. Го поврзува италијанскиот истражувач со бруталното потчинување на домородните цивилизации во Америка. Во 2018 година градот го преименува Денот на Колумбо во Ден на домородните народи. Паркот Колумбо сега се нарекува Парк Ворен Сквер. Градот сепак, го задржа името Колумбус.
Повеќе нема да живееме во сенката на нашето грдо минато, рече тогаш градоначалникот Ендру Гинтер.
Статуата се уште се чува во ограден магацин следен со безбедносни камери, со поставена жолта лента за предупредување од главата до петите. Во април, коалиција од италијанско-американски граѓански групи поднесе федерална тужба тврдејќи дека отстранувањето на статуата било нелегално и побара да се врати на своето место.
Тивкото мнозинство станува гласно, рече Џек Конте, иницијатор на тужбата.
Неговите поддржувачи велат дека Колумбо треба да биде славен за неговите откритија и дека нема никаква одговорност за сè она што следело откако го открил новиот континент.

Администрацијата на Трамп во март постави статуа на Колумбо спроти Белата куќа - реплика на статуата што демонстранти во 2020 година во Балтимор ја откорнаа од постаментот и ја фрлија во пристаништето.
Бејзил Русо, претставник на групата што ја донираше репликата во Вашингтон, вели дека Колумбо е жртвено јагне за западната колонизација.
Репликата е дел од изразувањето почит кон историјата на САД, спроти прославата на 250-годишнината од нивното формирање. Трамп го опиша Колумбо како „оригинален американски херој и еден од најголемите визионери што некогаш чекореле по лицето на Земјата“.
Како што се приближува големиот јубилеј, на плоштадите се враќаат и други историски личности, кои беа оцрнети за време на движењето против расизмот. Споменик на генералот на Конфедерацијата Роберт Ли повторно е поставен во Чарлстон.
На Плоштадот на слободата во Вашингтон неодамна е поставена статуа на Цезар Родни, потписник на Делаверската декларација за независност. Во 2020 година беше симната и префрлена во магацин затоа што Родни бил сопственик на робови.
Или ја славите 250-годишнината и историските личности и настани на револуционерната генерација или им го оставате тоа на оние кои лесно би ја искривиле нашата историја за да ја користат како политички инструмент, вели рече Винс Хејли, советник на претседателот за иницијативи за годишнина.