Шведска ќе протерува мигранти што не знаат да живеат поштено

Шведска денес ги трпи последиците од времето кога ги отвори портите за мигранти и им нудеше социјална помош за да се интегрираат. На гостопримството дојденците возвратија со криминал и престрелки. Стокхолм сега ќе им го одземa правото на престој не само на криминалците, туку и на оние што не живеат чесно - не плаќаат долгови или го лажат социјалниот систем.

Реагирајќи на спиралното зголемување на имиграцијата и криминалот, надлежниот министер Јохан Форсел претстави план за одземање на правото на престој за мигрантите кои „не живеат чесно“.

Имигрантите мораат да ги почитуваат законите и правилата, но исто така мораат да се трудат да живеат одговорно и да не ѝ наштетуваат на земјата. Ако, на пример, не ги плаќаат долговите, ако не ги почитуваат одлуките на шведските власти, ако го манипулираат системот за социјална помош или ако се служат со измами за да добијат дозвола за престој... тогаш немаат право да бидат тука, изјави Форсел.

Под „чесен живот“ се подразбира и редовно подмирување на даночните обврски и плаќањето казни. Во исто време, ќе биде олеснета и забрзана депортација на мигранти за кои ќе биде утврдено дека претставуваат закана за безбедноста или дале погрешни информации во оригиналните апликации за добивање азил.

Поддршката од јавноста за политиката на „отворени врати“ се распадна по мигрантската криза во 2015 година, кога азил во Шведска побараа десетици илјади луѓе. Порастот на насилниот криминал, особено пресметките помеѓу бандите на етничка основа, ја направија имиграцијата главна политичка тема во земјата. Две последователни влади од различни политички позиции ги заоструваа критериумите за давање азил. 

Барањата за азил во Шведска се намалија за 30% во периодот од 2024 и 2025 година. Одобрени биле само 6% од вкупниот број апликации за азил, во споредба со 18% во 2018 година. Агенцијата за миграција лани издала 79.684 дозволи за престој.

Како позитивна мерка, од годинава е воведени еднократен надомест од 350.000 круни (32.000 евра) за мигрантите кои доброволно ќе прифатат да заминат. Лани 8.312 се вратиле во своите матични земји.

Рестриктивните мерки веќе даваат резултати во други европски земји. Откако Германија спроведе построги гранични контроли, во периодот од јануари и ноември 2025 година имало 106.298 барања за азил, што е помалку од половина во споредба со претходната година.

Данска во јануари објави дека по автоматизам ќе бидат депортирани сите мигранти на кои им е изречена казна од најмалку една година затвор за сериозни дела како насилен напад или силување.

26 март 2026 - 13:00