На градскиот совет е решено дека затоа што џихадистите најверојатно имаат доживеано трауматски искуства додека се во ИСИС (што знае да се случи ако минеш подолго време на отсекување глави, екстремитети и општо сакатење на секој што на криво ќе те погледне), прво нешто што ќе им се понуди на повратниците е психолошка помош. Целта на советувањето ќе биде и рехабилитација на луѓево за тие понатаму да не се пишманат и пак да се вратат во Сирија.
Втора фаза од интеграцијата е на џихадистите да им се понуди вработување во локалната управа, што би "ја спречило нивната алиенација" која според локалните власти е причина зошто тие одат да се борат во Сирија.
Иницијативата на Еребру доби поддршка од експерти на ЕУ за тероризам и одбрана, меѓутоа дел од Швеѓаните не се толку срдечни кон идејата. Шведските весници објавија за неколку жители на областа Вивала кои решиле да се преселат во други делови на земјата откако било откриено дека двајца нивни соседи се бореле за ИСИС во северен Ирак.