Што може Македонија да научи од израелските избори?

Да речеме, дека Лабуристите фактички станаа безначајна партија. Во 90те беа најјаката политичка сила, миленик на САД и западот, дебело поддржани од Сорос, со јаки врски во НГО секторот, главни играчи во Осло процесите. На овие избори поминаа страшно лошо. Главно затоа што се позери. Нивната кампања можеби изгледа одлично, но во ЕУ и САД. Во населбите и комшилуците на Израел едвај да ги има.

Има уште за пребројување, прегледување на жалбите и слично, но некои факти од последните избори во Израел веќе се јасни, пишува Лиел Леибовиц во Таблетмаг.

Сондажите не функционираат: Во 22 часот на изборната ноќ, една од најпроминентните истражувачи на јавното мислење во Израел, Мина Цемах, ги соопшти нејзините долгоочекувани проценки според кои Бени Ганц требаше да има предност пред Нетанјаху. Набргу беа јасни размерите на утката. Партии на кои им се предвидуваа 10-тина места во Кнесеот не добија ништо, други кои сондажите ги прогласија за политички мртви, поминаа одлично. 

Дел од причините за промашувањата се политички и културолошки: истражувањата на јавното мислење се прават или по телефон или онлајн, а не секој сака по телефон да зборува со непознати лица за политика, ниту пак да пополнува прашалници за тоа на интернет.

Во случајот на Израел тоа се ортодоксните Евреи (главно дојденци од екс Советскиот сојуз) кои излегоа многу помасовно отколку што се предвидуваше и кои им дадоа јака политичка сила на своите: 16 места во Кнесетот и оживеан тврдокорниот Авигдор Либерман, човекот кој лани даде оставка на функцијата министер за одбрана бидејќи го оцени примирјето во Газа како „капитулација пред теророт“.

Главниот град (во случајов Тел Авив) е меур и не е репрезентативен за целината. Во северниот, фенси дел на градот, Рамат Авив, во кој се сместени Универзитетите, редакциите на големите медиуми и други влијателни институции, сино-белата централно -левичарска коалиција (Мерец и Лабуристите) освои фасцинантни 80% од гласовите. Но, само 7 километри појужно во градот, во проблематичните и сиромашни квартови, Ликуд и Шас освоија речиси 70% од гласовите. Ова важи и за другите делови на земјата: во богатиот приморски град Касереа во кој е домот на Нетанјаху, повеќето луѓе гласаа за Ганц а во работничкиот град  Рош Хајин од кој доаѓа Ганц, гласачите се определија за Нетанјаху.

Старата левица е мртва. Во 1992 година, една година пред Договорот од Осло, Лабуристите и Мерец, двата столба на изрелската левица освоија 66 места во Кнесетот што им даде силен мандат да го буткаат нивниот мировен план. На последниве избори, Лабуристите и Мерец освоија едвај 10 места, помалку од партиите на ортодоксните и исто колку и двете арапски партии кои учествуваа во трката.

„Левицата, онаква каква што постоеше и каква ја познаваме со генерации, е темелно и неповратно мртва. Така е зошто предолго време, повеќе се занимаваше со политичка поза отколку со вистинска политика. И не даде кохерентен одговор на прашањето кое најмногу ги мачи луѓето во Израел: што да се прави со таканаречениот партнер за мир, Палестинските власти, кога тие слават и плаќаат за убивање на невини Израелци“, пишува Леибовиц.   

Тој вели дека новиот лидер на Мерец повеќе сака да ѝ се обраќа на публика во Лондон и Берлин отколку на домашната раја а НВО-ата кои добиваат мрсни грантови од европските  земји и странските извори како Сорос, прават кампањи за сешто, само не за она што навистина е битно. Затоа, партиите кои тие ги поддржуваат ја плаќаат политичката цена.

На десницата не ѝ се исплаќа да се курчи (анг: to break a ranks ). Нафтали Бенет своевремено ја напушти својата матична партија (Еврејски дом) и формираше своја (Нова десница). Неговата клучна дистинкција на изборите беше личната нетрпеливост кон Нетанјаху. Бенет во кампањата покажа генијалност во водење модерна кампања, исфрлуваше едно по друго вирални видеа, наменета за помладата и урбана демографска база. Спектакуларно изгуби. Класичните десничарски гласачи довербата му ја дадоа на неговиот наследник во Еврејскиот дом, Рафи Перец, човек кој е комплетно поинаков од живописниот Бенет: Перец е досаден, невозбудлив, не пробува да изгледа кул, но и не лае против Нетанјаху, природниот алфа-мажјак во десничарскиот камп.

Биби Нетанјаху е политички генијалец. Секој што се сомнева во неговите политички вештини само треба да ги следи бројките. Во 2006-та имаше 12 места, во 2009-та - 27 места, во 2013 - 31.  сега е на 35. Другите се нудат како „нови и свежи сили во политиката“, Нетанјаху игра на картата на стабилен и доверлив чувар на националната безбедност и економија.

„Додека другите кандидати пробуваат да шармираат гласачи претставувајќи се како нова и возбудлива алтернатива, Нетанјаху на гласачите им нуди нешто, за нив, многу повредно: врска за озбилно. Како и во секоја друга долгорочна врска, и овде работите не се идеални и секогаш постојат искушенија. Но, истовремено една таква врска нуди емотивна стабилност и задоволство кои ниеден згоден и шармантен странец не може да ги понуди“, пишува Леибовиц.

18 април 2019 - 10:24