Американскиот државен секретар објасни дека планот на администрацијата за намалување на дипломатскиот буџет за една третина се темели на проценките дека наскоро тие ќе можат да ги решат глобалните проблеми и конфликти кои апсорбираат голем дел од дипломатските и хуманитарни напори на САД.
Тилерсон порачува дека се неодржливи актуелните трошоци на Стејт департментот и УСАИД кои достигнаа рекордна цифра од 55 милијарди долари.
„Дел од причините што одиме со вака намалени буџетски ставки се темели на нашите очекувања да решиме некои битни глобални конфликти што ќе ни овозможи да го префрлиме интересот на некои други теми“, вели секретарот.
“Додека светот гори, Тилерсон си игра со Пауер поинт“, ја наслови Политико загриженоста на поранешниот шеф за планирање на администрацијата, Дејвид МекКин, кој мисли дека Тилерсон е опседнат со реструктуирање и раштрафување на дипломатската машинерија на штета на нејзината суштинска активност.
Оптимизмот на кабинетот на Трамп нема баш многу поткрепа во реалноста. Командантот на воените сили во Авганистан, генералот Џон Николсон, за следната година најави драстично зголемување на нивниот ангажман во однос на претходната година. А ни решение за Украина не е на повидок со оглед на тоа што актуелната постава на Белата куќа инсистира на територијален интегритет, што би значело Русија да се откаже од Крим, што значи - не баш.
А според некои извори, УСАИД само во Украина, на тамошната контроверзна про-западна револуција има спискано 5 милијарди долари.