Шпиони оставени на чистина

Британските шпиони се пожалија дека тешко се обавува нивната работа во услови на ковид пандемија бидејќи не е лесно незабалежано да следиш човек на полупразни улици.

„Не очекувајте да влегувам во детали но можете и сами да замислите колку е тешко да се следи човек без тој да го забележи тоа кога улиците се празни поради пандемијата. Моите луѓе внесуваат голема имагинација и посветеност за да продолжат да пружаат витални услуги на државата и јас им оддавам признание за тоа“, изјави деновиве новиот директор на МИ-5, Кен МекКалум.

Тој вели дека во слична ситуација се нашле и терористите кои исто така се принудени да се адаптираат и сега размислуваат за поинакви напади отколку оние кои биле планирани или изведувани во услови на вообичаената фреквенција на луѓе по улиците и транспортот.

МеКалум нагласи дека една од најбитните теми со кои моментално се занимава неговата служба е заштита на лабораториските резултати поврзани со пронаоѓањето на вакцина за коронавирус или пак евентуална саботажа на тој труд. Во моментов глобално се работи на околу 150 различни проекти за доаѓање до вакцина. Два од нив се британски и многу извесни, оној на АстраЗенека кој е во завршната фаза на проверка и оној на Империјалниот колеџ од Лондон кој е нешто поназад со тестирањето.

„Јасно е дека глобалната награда за оној кој прв ќе дојде до употреблива вакцина за смртоносната болест ќе биде огромна“ изјави МеклКалум на првата средба со новинарите нагласувајќи дека многу страни се заинтересирани да дојдат до светиот грал на актуелната медицина.

Клучни стратешки теми за МИ-5 во наредниот период се Северна Ирска, во која иако ситуацијата е доста променета, 22 години после потпишувањето на договорот од Белфаст, сè уште има групи кои не се помируваат со решението а се подготвени на употреба на насилни средства, потоа исламскиот радикализам и од скоро време, десничарскиот екстремизам бидејќи од 27 големи терористички напади во последниве три години кои биле спречени во нивните зрели фази од страна на МИ-5 и полицијата, зад осум стоеле радикално десничарски мотиви.

15 октомври 2020 - 15:54