Сега навистина е нешто труло во државата Данска

Откако потепа 17 милиони визони кои се одгледуваат за скапи бунди од страв да не пренесат ковид на луѓе, Данска сфати дека не било баш најпаметно да ги закопува. Ене ги, ги откопуваат, само што, сега не се сигурни што да прават со нив.

Данска откопува масовни гробници кои содржат тела на милиони мртви визони по извештајот на агенцијата за човекова околина дека тие опасно ќе ги загадат подземните води. 

Лани здравствените власти соопштија дека визоните можат да ги заразат луѓето со мутиран сој на коронавирус па државата се реши на драконска мерка, да ја потепа целата, 17 милионска популација на овие животинки. Данска држи една од најголемите светски индустрии на визони во светот кои масовно се одгледуваат и убиваат за госпоѓи да носат бунди и капутчиња за скапи пари.

Откако ги потепаа, сè што можеше да тргне на лошо, тргна на лошо.

Прво, ги скинаа надвор од процедурите заради што министерот за земјоделство мораше да поднесе оставка. Па милиони визони беа затрупувани во дупки за кои се испостави дека не се доволно длабоки па со тек на време, знаел да пробие не само смрадот туку и по некој леш, па во весници осамнувале наслови „Зомби визони излегуваат од гробовите.“

По зачестените поплаки од локалното население и проценките на наделжаната агенција дека лешевите ќе почнат сериозно да ги загадуваат подземните води за година-две, данските парламентарци уште во декември се согласија дека визоните треба да се откопаат а работите тргнале дури неделава.

Најновата дебата им е околу тоа што да се прави со откопаниот материјал, дали да се пали или да се дислоцира поинаку.

19 мај 2021 - 10:51