Ројтерс објавува дека над 100-те затвореници кои од ноември беа чувани во Риц-Карлтон хотелот во Ријад се ослободени. Меѓу притворените беше и еден од најбогатите луѓе на светот, принцот Алвалид бин Талал.
„Проценетата вредност на спогодбите моментално изнесува над 106 милијарди долари, во најразлични видови имот, вклучувајќи недвижности, компании, хартии од вредност, готовина и друг имот,“ изјавил шеикот Сауд ал Моџеб.
Во акцијата беа опфатени вкупно 381 лице, од кои дел само беа испрашани и пуштени, а дел задржани во притвор на долгорочно испрашување. Сумата не е конечна, бидејќи уште 56 лица и понатаму остануваат во притвор затоа што немаат постигнато спогодба со властите.
И покрај масовноста на акцијата, властите не објавуваат детали од обвиненијата против притворените.
Единствено се знае дека принцот Митеб бин Абдула ќе врати околу 1 милијарда долари. Токму овој принц беше главниот кандидат за престолонаследник.
Привршувањето на истрагата го потврдуваат и неименувани саудиски извори, кои најавија дека хотелот Риц-Карлтон (каде најевтината соба чини 650 долари од вечер) ќе биде отворен за работа од средината на февруари. Притворените што до тогаш нема да постигнат договор ќе бидат пренесени во затвор.