Информацијата САД ја имаат три месеци пред нападот во кој беше уништен Северен тек, а според нејзе тимот одговарал директно на првиот човек на украинските вооружени сили Валериј Залужниј.
Иако веродостојноста на плановите не може официјално да се потврди, нивната тежина е во тоа што содржат крајно конкретни детали како број на оперативци и методите на напад, а за запознаеноста на САД со плановите се дознава преку Дискорд документите.
„Ова покажува дека речиси цела година западните сојузници имаат основа да го сомничат Киев за саботажата.
Оваа процена само е засилена изминативе месеци како што германските истражители откриваат докази дека нападот има впечатливи сличности со тоа што европските разузнавачи тврдат дека Украинците го планирале,“ пишува Вашингтон пост.
Пост разговара со функционери од повеќе западни држави кои за нив потврдуваат дека податоците протечени на Дискорд точно го пренесуваат она што европските разузнавачки служби и го пренеле на ЦИА.
Весникот за ова не добил коментар ниту од украинската страна, ниту од Белата куќа и ЦИА.
Во нападот од 26 септември со три експлозии беа уништени три линии од гасоводите Северен тек 1 и 2, оставајќи функционална само една линија.
Според информациите од Дискорд документите, сите вклучени во операцијата директно му рапортирале на генерал Залужниј, кој раководи со целата мисија за Зеленски да нема никаква информација или допир со неа. Со таквата распореденост, Зеленски може уверливо да отфрла каква било вклученост на Украина во операцијата.
Во заклучокот од документите пишува дека украинската војска решила од се уште непознати причини да ја „паузира“ операцијата. Првичниот план бил нападот да се изврши за време на големата поморска воена вежба, БАЛТОПС, која се одржуваше од 5 до 17 јуни 2022.
И покрај тоа официјални германски инспектори кои работат на истрагата за уништувањето на Северен тек, тврдат дека клучните детали на извршената операција се порамнети со оригиналните планови од паузираната операција.
Пример во оригиналната операција се планира шест лица со таен идентитет да изнајмат брод и користејќи подводни возила да стигнат до дното на Балтичкото море, а потоа да го оштетат или уништат гасоводот и да избегаат незабележани. Германските инспектори кои работат на случајот, сметаат дека нападот е извршен од шест лица со лажни пасоши кои изнајмиле јахта во септември и ги поставиле експлозивите кои го уништиле гасоводот. Тие веруваат дека станува збор за професионалци имајќи предвид дека експлозивите се поставени на длабочина од околу 73 метри. Германците ја открија и јахтата, Андромеда, на која нашле траги од експлозивот откриен и на разрушениот дел од гасоводот.
Разликите меѓу јунскиот план и септемвриската изведба се во тоа што првично бил планиран напад само на Северен тек 1, гасоводот кој беше отворен и кој работеше, а не и на двојката, а стартната локација не требала да биде германското пристаниште Варнемунде.
Кога ЦИА ги добива информациите од европските сојузници, нејзината забелешка е дека изворот се уште не е докажан дека дава основани информации. Но и покрај тоа европската служба ја уверува ЦИА дека станува збор за квалитетен извор, по што Американците и покрај каква било резервираност што би имале, ја пренесуваат информацијата до германското разузнавање и до други сојузнички држави.
„Функционери запознаени со европскиот извештај сметаат дека е можно украинските заговорници да дознале дека нивниот план е споделен со неколку држави, заради што и менуваат дел од деталите во него,“ пишува во Вашингтон пост.