САД ги укинуваат ограничувањата за термоелектраните

Агенцијата за заштита на животната средина на САД ги укинува правилата воведени од администрацијата на Џо Бајден за ограничување на испуштањето јаглерод диоксид од термоцентралите на јаглен и гас. ЕПА проценува дека укинувањето би донело заштеда од 310 милијарди долари во следните 20 години и би ги намалило сметките за струја.

По законскиот рок од 45 дена за оспорување на новата одлука, ограничувањата за термоелектраните ќе бидат вратени на послабиот стандард од 2015 година воведен во мандатот на претседателот Барак Обама. 

Реалноста е дека Америка произведува енергија подобро и почисто од кое било друго место во светот. Нашите електрани не треба да бидат неправедно таргетирани, изјави директорот на ЕПА, Ли Зелдин.

Функционери од администрацијата на Доналд Трамп и многу индустриски групи тврдат дека ограничувањата од времето на Бајден ги надминале законските овластувања, бидејќи барале од термоелектраните да користат технологија чија што изводливост не била соодветно докажана.

Стандардите наложуваа термоелектраните на јаглен да се затворат до 2039 година или да инсталираат скапа технологија за собирање на јаглеродот, со цел да ги намалат емисиите за 90% до 2032 година.

Администрацијата на Бајден проценуваше дека ограничувањата ќе спречат 4.500 предвремени смртни случаи годишно, како и штета врз здравјето на луѓето и врз природата од 370 милијарди долари. Зелдин изјави дека овие цели биле претпоставки, а економската штета предизвиканата од мерките е реална.

Секоја потенцијална штета по јавното здравје е премногу неизвесна, претпоставена, далечна и сложена за да се поврзе конкретно со енергетскиот сектор на САД. На сила ќе останат мерки против опасни загадувачи на воздухот за да се заштити здравјето на луѓето, изјави директорот на ЕПА.

Агенцијата работи на дефинирање нова рамка за регулација, која би требало да ги елиминира сите претходни стандарди за стакленички гасови за електраните. Како аргумент за тоа се истакнува дека емисиите на стакленички гасови од американските термоелектрани не придонесуваат значително кон целокупното ниво на затоплување, туку претставуваат мал дел од глобалниот феномен. Поради тоа, ЕПА нема законско овластување да ги регулира овие емисии врз основа на Законот за чист воздух.

САД денес се втор најголем емитер на стакленички гасови што ја затоплуваат планетата, далеку зад Кина. Најголем загадувач е транспортот. Енергетскиот сектор сочинува околу една четвртина од емисиите на САД, со приближно 1,5 милијарди тони еквивалент на јаглерод диоксид секоја година. Емисиите од енергетскиот сектор во САД генерално се намалуваат во последните неколку децении.

******
Види и: Трамп го брише CO2 од црната листа

15 септември 2026 - 08:29