Обемот на извоз на руска сурова нафта остана 6% над нивото пред инвазијата во февруари 2022 година, според извештај на финскиот центар за истражување CREA. Приходите, сепак, се помали за 27%, бидејќи Москва мора да прифати пониски извозни цени, како и да ги зголеми трошоците за транспорт за да ги заобиколи меѓународните санкции.
Руските приходи од извоз на сурова нафта од лани во февруари па до сега се намалиле на 85,5 милијарди евра, што е за за 18% помалку отколку во претходните 12 месеци. Во истиот период, обемот на извоз се намалил за 6% на 215 милиони тони.

Дури 93% од вкупниот извоз им бил испорачан на Кина, Индија и на Турција, кои купиле 201 милион тони во вредност проценета на 79,7 милијари евра.

Вкупниот приход на Москва од извезени фосилни горива (нафта, природен гас и јаглен) по 24 февруари 2022 година надмина 1.000 милијарди евра во почетокот на јануари 2026 година. Во четвртата година по инвазијата приходот од фосилни горива се намалил на 193 милијарди евра, од кои 14,5 милијарди платиле членки на Европската Унија. Во извештајот од пред една година, CREA истакна дека ЕУ потрошила повеќе на руски фосилни горива отколку за помош за Украина.
CREA забележува дека Унгарија и Словачка, кои се ослободени од обврската за санкции, увезле 11% повеќе руска сурова нафта во првите 10 месеци од 2025 година во споредба со истиот период претходната година.

Регистриравме пад на руските приходи од извоз на фосилни горива како резултат на новите мерки и засилената примена. Но, сè уште се оставени значајни дупки од земјите што воведоа санкции, кои дозволуваат обемот на извоз да остане висок, изјави Исак Леви, аналитичар во CREA и автор на извештајот.
Москва сега главно користи „флота во сенка“ – стари танкери, со прикриена руска сопственост. Европската Унија, Британија, САД, Австралија и Канада заедно воведоа санкции за вкупно 565 бродови за кои се сомневаат дека се дел од „флотата во сенка“ и им забрануваат пристап во своите пристаништа.