Русија почнува со масовна вакцинација за месец дена

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин објави дека градот ќе почне да спроведува масовна вакцинација на населението во периодот декември-јануари.

Соопштувајќи ја веста, Собјанин не даде детали како ќе се спроведува вакцинацијата на луѓето од Москва. Во меѓувреме, таму се отвораат две нови теренски болници, со капацитет од 3.500 пациенти. Едната е сместена во шопинг мол, другата во парк.

Во август, Русија ја одобри вакцината Спутник-V за домашна употреба. И покрај контроверзите во западната научна заедница дали таа вакцина е доволно тестирана, руските здравствени авторитети едногласно застанаа зад рускиот производ а надлежниот државен фонд достави пријава до Светската здравствена организација за забрзана регистрација на вакцината,

Во меѓувреме, Русија одобри и втора вакцина против коронавирус а започнуваат тестирања и на трета. Владимир Путин неодамна соопшти дека Русија е подготвена да почне со производство на својата вакцина против коронавирусот на производствените линии на странски компании во нивните земји.

Во првиот бран од пандемијата Русија забележа четврти најмасовен контингент заразени (1,4 милиони) а се чини дека вториот во кој е влезена ќе биде полош. Деновиве во Москва и по 1.250 луѓе биле хоспитализирани во еден ден а на 19 октомври имаа 5.376 нови случаи.

Градот има 13 милиони жители.

27 октомври 2020 - 21:03