Нов министер за одбрана е Андреј Белоусов, цивил кој претходно беше на позицијата прв заменик премиер чија специјалност е економијата и беше советник на Путин за економија.
Шојгу останува во руската администрација, но на позицијата секретар на рускиот Совет за безбедност, каде го заменува поранешниот прв човек на ФСБ Николај Патрушев кој пак ќе биде префрлен на друго работно место. Шојгу станува член и на Воено-индустриската комисија.
Смената на Шојгу се случува во време кога Русија во Украина го започнува најголемиот напад на Харковскиот регион од крајот на летото 2022 кога го изгуби истиот.
Шојгу 12 години беше министер за одбрана на Русија, кој од неговите критичари често пати е опишан дека не е во допир со реалностите на конфликтот. Негов најголем критичар беше сега починатиот основач на Вагнер групата, Евгениј Пригожин, кој го обвини министерството дека ги лишува неговите борци од ресурси и дека е преплавено од бирократска неспособност.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, објасни дека Белусов е избран од Путин заради потребата од „иновација“. Песков ги нагласил и се поголемите трошоци на министерството за одбрана, кои според него се приближуваат до нивоата од Студената војна. Моментално воениот буџет на Русија достигнува 6,7% од БДП, СССР имал 7,4.
Тој објаснил дека и покрај смената, воениот дел од работата на министерството и понатаму останува под Валериј Герасимов, кој продолжува со своите активности.
Минатиот месец заради корупција беше уапсен еден од најблиските соработници на Шојгу, заменик министерот за одбрана Тимур Иванов, кој е највисокиот уапсен руски функционер од почетокот на војната во Украина.
Поранешниот американски министер за одбрана, Марк Еспер, смената на Шојгу ја смета за многу важен и интересен потег:
„Поголемата порака која доаѓа од Москва е дека Русија сега се движи кон воена економија. Тие се на воена патека.“