Половина Гвантанамо штрајкува со глад

Приказната започнува на 6-ти февруари годинава и во моментов преку половина затвореници во американскиот оф-шор затвор штрајкуваат со глад надевајќи се дека ќе го свртат вниманието на јавноста кон своите судбини.

Штрајкот со глад во Гванатамо Беј го започнаа неколкумина затвореници како протест против чуварите кои, според нив, намерно го сквернавеле Коранот.

Сето ова време им се придружуваат нови штрајкувачи и во моментов преку половина од 166-те жители на овој затвор одбиваат храна.

А "жители" е сосема соодветен збор за нивниот статус бидејќи некои од нив повеќе од една деценија се затворени без да добијат судски процес па дури и без да биде подигнато обвинение против нив.

17 од најкритичните штрајкувачи се хранат на сила а управата соопштува дека тие постојано се обидуваат да го подобрат односот меѓу чуварите и затворениците.

Барак Обама уште од 2007-ма, кога беше сенатор од Илиноис, ветува дека ќе го затвори Гвантанамо. Вака изгледа редоследот на неговото 6 години неисполнето ветување.

22 април 2013 - 09:19