Планини фрлена храна

Кога од мал ќе те испуштат од раце и нема да те воспитаат дека ручекот од сабота се јаде и во понеделник, а во вторник не чека тој од недела, тогаш ќе имаш просек како Американциве - се фрла 40% од храната.

Бројката доаѓа од извештајот на Националниот совет за одбрана на ресурсите, а според него годишно Американците фрлаат храна во вредност од 165 милијарди долари, или 9 килограми храна по човек, месечно.

Во сумата не е пресметана водата што се троши за создавање на храната што се фрла, трошокот за транспорт, ставањето и вадењето од рафтови и местото што го зафаќа на депониите.

Дел од фрлената храна, воопшто не ни стига до потрошувачите. Така добар дел од ова отпаѓа на овошје и зеленчук, кое може да се јаде, ама не е доволно убаво за да се изложи во продавница. Плус, тука е и стоката која е премногу болна за да биде заклана и рибите кои не се правилно замрзнати и скапуваат на пристаништата.

Друг проблем со свежите производи (овошје, зеленчук) е што продавниците создаваат илузија на изобилство, заради што постојано ги трупаат рафтовите со свежи производи кои не можат доволно брзо да се продадат. Па освен ако купувачите не преплават една продавница 5 минути пред затворање, целиот изложен зеленчук и овошје ноќта завршува во контејнер.

Тука се и потрошувачите, кои цела сезона ги трупаат фрижидерите со најразлични производи, кои на крај од сезоната завршуваат во канта.

На крај, треба да се земат во предвид и рестораните, кои редовно ги служат своите гости со премногу големи порции кои тие најчесто не можат да ги изедат.

Процената е дека ако отпадот од храна се намали за само 15%, би можеле да се нахранат 25 милиони луѓе за цела година.

22 август 2012 - 17:38