Осудувањето на бомбашот од Локерби може да е „погрешна судска пресуда“

Шкотските судски власти решија дека пресудата против Либиецот Абделбасет ал-Меграхи може да е погрешна и дозволија процесот да се врати на Апелација. Меграхи почина во 2012.

Авионот на Пан Ам, лет 103, бил на пат од Лондон до Њујорк кога експлодира над Локерби на 21 декември 1988, убивајќи 243 патници и 16 членови на екипажот. При паѓањето, делови од авионот усмртија уште 11 луѓе на земја.

Меграхи, поранешен либиски разузнавач, во 2001 беше осуден како единствен виновен за соборувањето на авионот. Тој беше во затвор 27 години (вклучително периодот пред и за време на судењето) пред да биде помилуван и пуштен на слобода во 2009. Во 2012 Либиецот почина од рак на простата.

„Промена на пресудата би значела дека владата на САД и на Обединетото кралство живееле монументална лага цели 31 година, затворајќи човек кој знаеја дека е невин и казнувајќи го либискиот народ за злосторство што не го извршиле,“ изјавил адвокатот на семејството на Меграхи, Амер Анвар.

Освен адвокатот на Меграхи, барањето за повторно судење беше поддржано и од семејствата на дел од загинатите во 1988, кои инсистираат сите виновници да бидат изнесени пред правдата и да одговараат за смртта на нивните блиски, а не целото дело да се префрла на Меграхи.

Во денешната одлука комисијата наведува дека „ниту еден разумен суд не би можел да прифати дека Меграхи бил идентификуван како купувач“ на предметите што биле во куферот бомба што бил употребен во нападот. Дополнително, тие сметаат дека обвинителството требало на одбраната да и ја открие изјавата и полицискиот извештај во врска со фотографиите од Меграхи што ги дал еден од сведоците, а кои помогнале да се осуди Либиецот.

Сега ќе треба да биде закажано ново судење, на кое синот на Меграхи се надева дека ќе има шанса да го обели името на својот татко.

11 март 2020 - 16:41